На прашањето на самитот Јалта – Европската стратегија (ЈЕС) постои ли можност за конфликт со Русија која во 2014 година го анектираше полуостровот Крим и ги поддржува бунтовниците на истокот на Украина, Зеленски одговори: „Мислам дека постои“.
„Тоа е најлошата работа што може да се случи, но, за жал, постои таа можност“, додаде.
Киев објави дека во конфликтот на истокот на Украина од 2014 загинале 14 илјади луѓе.
Зеленски кажа дека односите со САД се подобриле, но изрази жалење што Украина не добила јасен одговор на своето барање за придружување на НАТО пактот – потег кој сигурно би ја разгневил Москва, пренесува Ројтерс.
„Не добивме јасен став за украинското членство во НАТО. Украина веќе долго е спремна на тоа“, додаде Зеленски.
Истакна дека одбивањето на Украина би го ослабело НАТО и би ѝ одговарало на Русија.
Тензиите меѓу Киев и Москва се засилија претходно годинава кога се интензивираа борбите во источна Украина, а Русија го зголеми бројот на трупи во близина на границата.
Москва ја обвини Украина дека изгубила интерес за мировните преговори, а Зеленски залудно се обидуваше да договори средба со Путин во зоната на конфликтот, пишува Ројтерс.
„Искрено, немам време за да размислувам за него“, кажа денес Зеленски.
„Заинтересиран сум за содржински да се сретнеме, а не само декларативно како што тој тоа го прави со другите држави“, кажа украинскиот претседател.






