Канцеларијата на Европското јавно обвинителство во Хрватска соопшти дека четворицата уапсени се осомничени за кривични дела во Министерството за регионален развој и фондовите на ЕУ, како и во Централната агенција за финансирање и склучување договори на програми и проекти на ЕУ во врска со јавните набавки за информатичкиот систем.
Во соопштението се додава дека се во тек „итни доказни дејствија“, а по распитот на осомничените, јавното обвинителство ќе донесе одлука за понатамошни дејствија.
Uhićena je Gabrijela Žalac. Njezin suprug vikao je na novinare: “Hvala vam svima, zbog moje djece. Zapalite svijeću za Sisvete…” Više: https://t.co/wtLHI2hDZQ #aferaSoftware pic.twitter.com/mxHG5fNkHG
— HRT vijesti (@hrtvijesti) November 10, 2021
Како што пишуваат хрватските медиуми, станува збор за изработка на софтвер вреден околу 2 милиони евра, што во 2018 година, за време на мандатот на Габријела Жалац, ѝ било доделено на фирмата Ампелос.
По наредба на канцеларијата на европскиот јавен обвинител, новоформирано тело што се занимава со проневери во кои се оштетени европските фондови, пред дваесетина дена од просториите на Министерството била отстранета документацијата поврзана со соработката со Ампелос.
Медиумите претходно пишуваа дека таа фирма пред да ја добие работата од Министерството имала само еден вработен и се борела со блокади.
Поради многуте скандали што ја следеа, Жалац го напушти Министерството во 2019 година, но таа сѐ уште е член на Претседателството на владејачката ХДЗ.
Премиерот и претседател на ХДЗ, Андреј Пленковиќ, денеска изјави дека е изненаден од апсењето на Габријела Жалац, но дека постои презумција на невиност.
„Нашата работа е да се бориме против корупцијата“, додаде Пленковиќ.
Опозицијата остро ја критикуваше ХДЗ велејќи дека нема разлика меѓу ХДЗ на Пленковиќ и на Санадер.
Маријана Пуљак од партијата Центар оцени дека „единствената разлика е што Санадеровата ХДЗ манипулираше и матеше со пари од хрватскиот буџет, а Пленковиќевата и од хрватскиот и од европскиот буџет“.






