Како што тврдат од Охрид СОС, деновиве, дел од просторот каде се наоѓаше механизацијата на јавното претпријатие (ЈП) „Охридски Комуналец“ е претворен во градилиште, за кое меѓу другото се сечат децениски стебла.
„Додека ни го редуцираат зеленилото кое ни припаѓа, општинарите носат Стратегијата за развој на зеленило на Општина Охрид (2023–2032) со стратешка цел Охрид да стане одржлив ‘зелен град’, со мрежа на висококвалитетни и атрактивни зелени површини, што ќе придонесе за благосостојбата и здравјето на сите граѓани и посетители, притоа зачувувајќи ја животната средина и биодиверзитетот. Со стратешката цел, треба да се задоволи и законската обврска за 25 м² по глава на жител застапеност на зелени урбани инфраструктури. Каква иронија! Наместо атрактивни зелени површини, жителите на Охрид добиваат бетон. Огромни количини бетон“, се наведува во соопштението на Охрид СОС.

Од Охрид СОС појаснуваат дека во Правилникот за урбанистичко планирање предвиден е оптимален стандард на застапеност на зелени урбани инфраструктури од 25 м² по жител.
„Но реалноста е далеку од оптималните стандарди. Секој жител на Охрид има само 1,6 м² зелена површина. Општината ни одзела 93,6 отсто од она што ни следува и што е оптимално (не максимално) а ни оставила едвај 6,4 отсто. Па после се чудиме зошто е воздухот загаден, зошто повеќе нема струење, зелени простори за одмор и рекреација. Изминативе 25 години се изградени стотици згради и одземени се огромни површини зеленило, овоштарници, обработливо земјиште, блатни пространства. Во овој период не се подигнал нов парк, нов дрворед (овде не се сметаат исечените стари дрвореди и засадените мали стебленца на нивно место), нова зелена оаза, рекреативна зона. Зелениот појас по должината на кејот до каналот е подигнат во минатиот век. Денеска од него се одземаат сегменти за да се направат паркинзи за угостителските објекти“, велат од Охрид СОС.Реално, велат оттаму, Охрид нема градски парк, налик оној во Скопје. Тврдат дека скоро секојдневно се сечат децениски стебла, се одземаат зелени површини.„Кирил Пецаков, градоначалникот на Општина Охрид уште на почетокот на првиот мандат се заложи дека ќе работи на развивање на зелената агенда ‘Охрид зелен и хуман град’ со зголемена еколошка свест, така што ќе се зголемат зелените појаси во општината. Од тоа останаа само зборовите, а за време на неговиот мандат енормно се зголеми изградбата на висококатници. Се реализира токму спротивното од она што беше најавувано“, пишуваат од Охрид СОС.

Додаваат дека градот Охрид спаѓа во средно големи градови и процентот на препорачана вкупна застапеност на површини со зелени урбани инфраструктури треба да се движи од 14 до 20 отсто.
„Според податоците на Државниот завод за ревизија процентот на планирано зеленило согласно актуелниот генерален урбанистички план на Охрид е под минимумот, односно 10,82 отсто. Дополнително е утврдено дека во планските опфати на генералните урбанистички планови не е достигнат оптималниот стандард на застапеност на зелена урбана инфраструктура од 25 м² по глава на жител“, заклучуваат од Охрид СОС.






