недела, 18 јануари 2026

Таткото и синот со месеци го планирале масакрот во Сиднеј, вежбале пукање и снимале сè

Таткото и синот обвинети за најсмртоносниот терористички напад во историјата на Австралија поминале месеци подготвувајќи се – вежбале пукање на оддалечена локација и тактички маневри.

Фото: социјални мрежи

Објавено на

часот

Сподели

Наводно тие фрлиле бомби во толпата непосредно пред да отворат оган на плажата Бондај, но неексплодирале. Овие шокантни детали доаѓаат од судските документи објавени во понеделник, пишува Си-ен-ен.

Судското досие исто така вклучува снимки од Саџид Акрам (50) и неговиот син Навид Акрам (24), како држат пушки и се движат на начин што укажува на тактичка обука. „Обвинетиот и неговиот татко пукале со пушки и се движеле тактички во текот на целото видео“, се наведува во документот.

15 лица беа убиени во нападот што се случи на 14 декември, а властите соопштија дека целта бил напад врз еврејски семејства кои ја славеле Ханука. Саџид Акрам беше убиен од полицијата, додека неговиот син се соочува со обвиненија за тероризам, 15 обвиненија за убиство и 40 обвиненија за обид за убиство.

Наводно, дуото фрлило четири импровизирани експлозивни направи кон толпата – три цевни бомби и една направена од тениско топче – но ниту една не детонирала, иако сите биле функционални. Петта бомба била пронајдена во багажникот на нивниот автомобил.

Напаѓачите исто така снимиле видеа пред знамето на Исламската држава, изнесувајќи ги своите ставови. Во едно од нив, тие дале изјави „со кои ги осудуваат делата на ционистите“ и се чини дека „го сумирале своето оправдување за терористичкиот напад во Бондај“. „Постојат докази дека обвинетиот и неговиот татко прецизно го планирале овој терористички напад со месеци“, се вели во документот.

Документите откриваат дека напаѓачите ја посетиле плажата Бондај на 12 декември, само два дена пред нападот. Снимките од безбедносните камери ги покажуваат како одат по пешачкиот мост од кој подоцна стрелаа на своите жртви. „Полицијата вели дека ова е доказ за извидување и планирање терористички чин“, се вели во судскиот поднесок.

Во часовите по пукањето, полицијата изврши претрес на нивната адреса во Бонириг, западно од Сиднеј. Таму пронашле два телефона, рачно изработено огнено оружје, лак со 12 стрели и Куран со обележани пасуси.

Сопругата на постариот Акрам ѝ рекла на полицијата дека верува дека нејзиниот сопруг и син се на одмор. Денот по нападот, полицијата извршила претрес и во изнајмена соба во Кемпси, каде што пронашла 3Д печатени делови за шаржер за сачмарка, опрема за изработка на бомби, уште еден лак и стрели и две копии од Куранот.

Навид Акрам, кој бил застрелан во стомакот за време на нападот, одби да даде формална изјава на полицијата од болничкиот кревет, по совет на неговиот адвокат. Неговото следно појавување пред суд е закажано за април.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ