Во говорот најавен од неговата канцеларија, тој ќе признае дека „постепените промени нема да бидат доволни“ за сè понезадоволната јавност и ќе вети „посилен одговор“ во областите како што се економскиот раст, поблиските врски со Европа и енергетиката.
Вчера, министерката за образование Бриџит Филипсон рече дека борбата за власт не е решение, додека лабуристите ги лекуваат раните од минатонеделниот пораз на изборите.
Самиот Стармер стави до знаење дека се надева дека ќе остане на власт до 2034 година. Сепак, неколку пратеници од лабуристите јасно ставија до знаење дека веруваат дека е време тој да си оди.
Поранешната помлада министерка Кетрин Вест објави дека ако до понеделник ниту еден министер во кабинетот не го предизвика Стармер, самата ќе се обиде да го започне процесот на избор на нов лидер, што би можело да им отвори врата на другите.
Таквиот развој веројатно би поттикнал штетни внатрепартиски конфликти, додека пратениците од левото и десното крило на партијата би се бореле да го позиционираат својот фаворит или да го заштитат Стармер.
Според партиските правила, на секој предизвикувач му е потребна поддршка од 81 пратеник од лабуристите, или 20 проценти од партијата во парламентот, за да го започне изборниот процес.
Друг пратеник, Џош Симонс, поранешен лојалист, го повика Стармер да се повлече, велејќи дека „ја изгубил земјата“.
Трет, ветеранот Клајв Бетс, рече дека мора да има начин да се „донесе нов лидер на соодветен и конструктивен начин во текот на следните неколку месеци“.
Резултатите од изборите беа особено тешки за лабуристите во Велс, каде што ја изгубија контролата врз тамошната влада за прв пат откако беше основан парламентот во Кардиф пред 27 години.
На други места, тие изгубија речиси 1.500 советнички места, додека антиимиграциската Реформска партија, предводена од заговорникот за брегзит Најџел Фараж, скокна од помалку од 100 на повеќе од 1.400 советнички мандати.
Во Шкотска, лидерот на Шкотската национална партија (СНП), Џон Свини, повика на нов референдум за независност за да се заштити нацијата од идна влада на Реформската партија.
Изборите доаѓаат помалку од две години откако Стармер убедливо победи на општите избори, со што заврши 14-годишното владеење на конзервативците.
Стармер (63) оттогаш нижи политички грешки и моментално е вмешан во скандал околу разрешувањето на британскиот амбасадор во Вашингтон, Питер Манделсон, по откритијата за неговите врски со сексуалниот престапник Џефри Епстин.
Премиерот не успеа да го поттикне економскиот раст, додека британските граѓани продолжуваат да ги чувствуваат последиците од долгогодишниот пад на животниот стандард, но беше пофален за тоа што му се спротивстави на американскиот претседател Доналд Трамп во врска со Иран.
Пред изборите минатиот четврток, британскиот печат беше преплавен со гласини дека поранешната вицепремиерка Анџела Рејнер или министерот за здравство Вес Стритинг би можеле да се обидат да го соборат Стармер. Сепак, тие не се популарни во партијата, а за да започнат избори, треба да добијат поддршка од голем број претставници.
Рејнер не побара директно оставка од Стармер во неделата, но рече дека сегашната стратегија „не функционира и треба да се промени“.
„Ова ни е можеби последна шанса… Премиерот мора да го искористи моментот и да ги презентира промените што ѝ се потребни на нашата земја“, напиша таа на мрежата Икс.
Друг потенцијален кандидат за кој многу се зборува, градоначалникот на Голем Манчестер, Енди Бернам, во моментов не е во можност да го предизвика Стармер бидејќи нема место во парламентот.
Недостатокот на консензус доведе до шпекулации за можната кандидатура на таканаречениот кандидат за единство, како што се министерот за одбрана Џон Хили или министерот за вооружени сили Ал Карнес.
Без очигледен наследник, Стармер би можел да ја задржи власта. Партијата, исто така, се двоуми дали да го отстрани откако конзервативците сменија три премиери за четири месеци во 2022 година.
Стармер постојано изјавува дека останува. На прашањето дали ќе ги предводи лабуристите на следните избори, кои се очекуваат најдоцна во 2029 година, и дали ќе отслужи цел петгодишен мандат, тој за Сандеј мирор изјави: „Да, ќе го направам тоа“.
„Секогаш велев дека се работи за деценија на национална обнова“, додаде тој.






