Зајковска, како што појасни претседателот на Комисијата Ѓорѓија Сајкоски, е дипломиран економист и магистер по сметководство, финансии и ревизија од Скопје. Од петте кандидати кои ги исполнувале условите и учествувале на интервјуата, таа освоила најмногу, односно 90,67 бодови.
Пратеникот Љупчо Николовски смета дека за член на ДКСК требало да биде предложена второрангираната, Милка Муратовска, која немала ниту еден еден процент разлика од прворангираната и била со специјализирано образование во делот на антикорупцијата.
На предлог на претседателот Сајкоски, членовите на Комисијата ја утврдија предлог одлуката Наташа Георгиева од Скопје, член на управниот одбор на здружение на граѓани Европска полициска асоцијација Македонија, да биде избрана за член на Државниот совет за превенција на детско престапништво и правда за деца.
Комисијата ги утврди предлозите на координаторот на пратеничката група ЗНАМ, Бобан Карапејовски за измена на одлуката за избор на претседатели, заменици на претседателите, членови и нивни заменици на комисиите на Собранието на Република Македонија и за изменување на одлуката за основање на пратенички групи за соработка со парламенти на други држави и избор на претседатели и членови на пратеничките групи на Собранието за соработка со парламенти на други држави, на местото на пратеникот Миле Цеков.
Расправата по предлог – одлуките за разрешување и именување на претседатели и членови на одборите за доделување на државните награди „Мајка Тереза”, „22 Ноември” и „Св. Климент Охридски”, според претседателот Сајкоски, беше одложена поради немање материјал, а, како што рече, ќе продолжи кога ќе се створат услови.






