Поранешниот полски министер за правда Збигњев Зјобро, кој во својата земја се бара по повеќе кривични обвиненија, побегнал од Унгарија во Соединетите Американски Држави, потврди тој во неделата, откако владата на поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан минатата година му одобри азил, пренесува Гардијан.
„Во Соединетите Американски Држави сум“, изјави Зјобро за десничарската полска телевизија Република. „Пристигнав вчера и ова ми е третпат да патувам низ земјата“, рече тој.
На Зјобро во Полска му се закануваат до 25 години затвор доколку биде осуден по обвиненијата што се покренати против него. Тие вклучуваат злоупотреба на службената положба, водење организирана криминална група и користење средства наменети за жртви на кривични дела за купување на израелскиот шпионски софтвер Пегасус, наводно за следење на политичките противници.
Тој ги отфрли обвиненијата против него, обвинувајќи ја центристичката полска влада дека спроведува лов на вештерки против конзервативците.
Откако партијата на Орбан беше сменета од власт на изборите во април, новиот унгарски премиер Петер Маѓар — кој положи заклетва во саботата — изјави дека Унгарија повеќе нема да ги штити политичарите и функционерите барани од други држави, практика што претходно му овозможи азил и на поранешниот македонски премиер Никола Груевски.
„Унгарија повеќе нема да биде депонија за меѓународно барани криминалци“, им рече тој на новинарите ден по победата, наведувајќи ги како примери Зјобро и неговиот поранешен заменик Марчин Романовски, осомничен за проневера на речиси 40 милиони евра, односно 47 милиони долари.
Телевизијата Република претходно во неделата објави дека Зјобро е во САД, додека либералната телевизија ТВН24 објави фотографија од Зјобро на меѓународниот аеродром Њуарк Либерти, за која наведе дека ја снимил друг патник.
Не е јасно како Зјобро успеал да отпатува во САД, бидејќи Полска претходно соопшти дека неговите патни исправи — вклучително и полскиот и дипломатскиот пасош — му биле поништени.
Локалниот портал Онет објави дека Зјобро добил американска новинарска виза поврзана со телевизијата Република. Таа телевизија, блиска до полската десница, подоцна соопшти дека го ангажирала поранешниот министер за правда како политички коментатор во САД.
Актуелниот полски министер за правда Валдемар Журек напиша на платформата Икс дека Полска „ќе упати прашања до САД и Унгарија за правната основа што му овозможила на Збигњев Зјобро да влезе во Соединетите Американски Држави и покрај тоа што нема важечки документи“.
„Нема да се откажеме од напорите тој и господинот Марчин Романовски да одговараат пред полското правосудство“, рече тој.
Претходно Журек за телевизијата Полсат изјави: „Ако се потврди дека Зјобро е во САД, тогаш Полска ќе побара негова екстрадиција“.
Зјобро беше лидер на ултраконзервативната партија Суверена Полска, помал коалициски партнер на националистичката партија Право и правда, и ги извршуваше функциите министер за правда и државен обвинител од 2015 до 2023 година.
Познат е и како архитект на спорните правосудни реформи, кои предизвикаа застој во односите меѓу Полска и Европската комисија.
Запрашан на телевизијата Република за можна екстрадиција, Зјобро одговори: „Подготвен сум да се појавам пред кој било суд, а американскиот независен суд секако е независен суд“.
„Ако сакаат да покренат постапка за екстрадиција, само напред“, додаде тој, нарекувајќи ги постапките за екстрадиција пред американските судови „сложена процедура“.






