Мисијата Инспирејшн4 го заокружува летото во кое милијардерите Ричард Бренсон и Џеф Безос полетаа во вселената со вселенското летало Вирџин Галактика и Блу Ориџин во интервал од само неколку дена во јули.
Летот на Спејсекс го изнајми американскиот милијардер Џаред Ајзекмен, 38-годишен основач и извршен директор на компанијата за обработка на плаќања Шифт4 Пејмент, исто така искусен пилот. Точната сума што ја платил на Спејсекс не е објавена, но станува збор за десетици милиони долари.
Мисијата е далеку поамбициозна од неколку минути бестежинска состојба, каква што можат да купат клиентите на Вирџин Галактика и Блу Ориџин. Вселенското летало Кру драгон на Спејсекс ќе лета подалеку од орбитата на Меѓународната вселенска станица (ИСС).
„Не е дека нема ризици. Се возите со ракета со брзина од 28.000 километри на час околу Земјата. Во такви услови има ризици“, рече Ајзекмен во епизода од документарецот на Нетфликс за мисијата.
Спејсекс веќе десет пати достави астронаути на ИСС за НАСА, но ова ќе биде првпат да не пренесе професионални астронаути во вселената. Полетувањето е закажано за среда во 2 часот наутро по средноевропско време од лансирниот полигон 39А на Центарот Кенеди на НАСА во Флорида, од каде што беа лансирани мисиите на Аполо на Месечината.
Заедно со Ајзекмен, кој е командант на мисијата, избрани се тројца цивили да патуваат преку процес започнат со реклами на Супербоул во февруари. Секој член на екипажот е избран да претставува еден столб на мисијата.
Најмладата, Хејли Аркено, преживеала рак на коските како дете и таа ќе биде прво лице со протеза во вселената.
„Одиме ли на Месечината?“ прашала, кога ѝ било понудено местото.
„Слушнав дека луѓето не биле таму со децении“, кажала таа со насмевка.
29-годишната девојка е избрана затоа што работи како помошник лекар во болницата Свети Јуда во Мемфис, а другиот патник е нејзиниот донатор кој со великодушноста си обезбеди место. Крис Семброски (42) е поранешен ветеран на американското воздухопловство, кој сега работи во воздухопловната индустрија.
Последното место го претставува напредокот и ѝ било понудено на Сијани Проктор, 51-годишна професорка по геологија, која за малку ќе станела астронаут на НАСА во 2009 година. Таа ќе биде само четвртата Афроамериканка во вселената.
Подготовките на екипажот траеле со месеци и вклучувале искуство на Г-силата во центрифуга. Испробале и параболични летови за да доживеат бестежинска состојба на неколку секунди и планинареле на голема надморска височина на планината Рение покриена со снег, во северозападниот дел на САД.
Исто така, тие поминале извесно време во базата на Спејсекс, иако самиот лет ќе биде целосно автономен. За време на нивниот тридневен престој во орбитата, ќе се следат нивниот сон, отчукувањата на срцето, крвната слика и когнитивните способности. Пред и по летот, ќе се спроведат тестови за да се проучи ефектот на летот врз нивните тела. Целта е да се соберат податоци за идните мисии со цивили.
Целта на мисијата е да се направи вселената достапна за повеќе луѓе, иако патувањата во вселената во моментов се само делумно возможни за привилегирани неколкумина.
„Во целата човечка историја, помалку од 600 луѓе биле во вселената. Горди сме што нашиот лет ќе придонесе за оние кои ќе патуваат после нас“, заклучи Ајзекмен.






