„Либиската влада побара Сади Гадафи веднаш да ја напушти Либија по излегувањето од затвор. Сади Гадафи одлучи да замине во Турција. Неговото заминување го организираше турското министерство за надворешни работи“, кажа портпаролот на синот на поранешниот лидер Муса Ибрахим Гадафи.
Сади Гадафи, поранешен фудбалер кој од 2014 година служеше казна затвор во Триполи, беше ослободен во неделата заедно со неколку блиски соработници на неговиот татко кој владееше со Либија од 1969 до 2011.
Турскиот министер за надворешни работи одби да ја коментира информацијата за пристигнувањето на Гадафи во Турција.
Портпаролот кажа дека и Египет и Саудиска Арабија објавиле дека сакаат да го примат.
„Заедничка одлука на сите вклучени страни беше тоа да биде Турција. Тоа е поедноставно од логистички аспект. И Сади беше за Турција и така беше договорено“, додаде.
На Сади Гадафи, кого го екстрадираше Нигер на 6 март 2014, каде побегна по бунтот во 2011 во кој неговиот татко беше урнат од власта и убиен, му се судеше во април 2018, а апелацискиот суд во Триполи го ослободи од вината за убиството на поранешниот тренер на фудбалскиот клуб во Триполи Башир Рајани во 2005.
Либија од 2011 година е во хаос, а во последните години во земјата има две ривалски власти, на истокот и на западот.
Истовремено со политичкиот процес за излегување на земјата од криза се вложуваат напори, со помош на ОН, да се постигне национално помирување.






