„Иако словенечкиот премиер е на чело на шестмесечното претседателство со ЕУ, тој нема овластување да зборува од името на ЕУ за надворешната политика“, рече Борел на прес-конференција по состанокот на министрите во Брисел.
Борел рече дека бил принуден да го прецизира ова откако бил контактиран од иранскиот министер за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф и го прашал дали изјавите на Јанша ја претставуваат официјалната позиција на ЕУ.
„Надворешната политика е во надлежност на земјите-членки, секоја може да има свој став. Но во име на ЕУ зборуваат само претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, и високиот претставник – мојата маленкост, кога зборува во име на министрите“, рече Борел.
Изјавите на Јанша се негова одговорност и тие не го претставуваат ставот на ЕУ и тој не може да се преправа дека зборува од името на ЕУ, рече Борел.
Иран во неделата ги осуди „неоснованите обвинувања“ за кршење на човековите права што претходниот ден му ги упати Јанез Јанша по повод берлинскиот собир на опозициската група Муџахедин на народот (МЕК) во егзил, забранета во Иран.
„Иранскиот народ заслужува демократија, слобода и почитување на човековите права и треба да биде цврсто поддржан од меѓународната заедница“, рече Јанша во мрежната порака до собирот, повикувајќи „иранскиот режим да одговара за кршење на човековите права“.






