вторник, 21 април 2026

Извештај: Израелските војници користат сексуално насилство за протерување на Палестинците

Израелските војници и доселеници користат родово насилство, вклучително и сексуални напади и вознемирување, за да ги принудат Палестинците да ги напуштат своите домови на окупираниот Западен Брег, предупредија експертите за човекови права и право. Ваквите напади, велат тие, доведуваат до тоа девојчињата да се откажат од училиште и да стапат во рани бракови, пренесува Гардијан.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Палестински жени, мажи и деца пријавиле напади, присилно соблекување, инвазивни и болни пребарувања на телесни шуплини, покажување гениталии од страна на Израелци, дури и на малолетници, и закани со сексуално насилство. Истражувачите од Конзорциумот за зачувување на Западниот брег регистрирале шеснаесет случаи на сексуално насилство поврзано со конфликтот во текот на изминатите три години, но истакнуваат дека вистинскиот број е веројатно поголем поради срамот и стигмата со кои се соочуваат жртвите.

Извештајот на група меѓународни хуманитарни организации наведува: „Сексуалното насилство се користи како средство за притисок врз заедниците, влијае на нивните одлуки дали да останат или да ги напуштат своите домови и земја и го менува нивниот секојдневен живот“.

Студијата, насловена како „Сексуалното насилство и присилното раселување на Западниот Брег“, детално ги опишува ескалирачките случаи на сексуален напад и понижување на Палестинците во нивните заедници и домови од 2023 година.

Други форми на пријавено насилство вклучуваат уринирање врз Палестинците, фотографирање и дистрибуција на понижувачки фотографии на врзани и голи луѓе, следење на жени кои користат полски тоалети и закани со силување. Студиите на случаите се анонимни поради стигмата поврзана со сексуалното насилство.

Сексуалните напади го забрзале раселувањето на Палестинците, се наведува во извештајот. Повеќе од две третини од анкетираните домаќинства го навеле зголемувањето на насилството врз жените и децата, вклучително и сексуалното вознемирување на девојчињата, како пресвртна точка во нивната одлука да заминат.

„Учесниците го опишаа сексуалното вознемирување како момент кога хроничниот страв стана неподнослив. Тие зборуваа за тоа како го гледаа понижувањето на жените и девојчињата и се плашеа што може да се случи следно“, се наведува во извештајот.

Израелските војници кои биле присутни за време на злоставувањето во повеќе наврати не направиле ништо за да го спречат или да ги гонат одговорните. Една жена била подложена на болен внатрешен преглед од две жени војници откако тие со доселеници влегле во нејзиниот дом.

Потоа ѝ наредиле да се соблече за целосно претресување на телото. „Таа опишала како ѝ било наредено да ги рашири нозете на болен начин и спомнала навредливи коментари и допирање на интимните делови од нејзиното тело“, се наведува во извештајот.

И мажи и момчиња биле цел на сексуални напади и вознемирување. Минатиот месец, израелски доселеници го соблекле 29-годишниот Кусаи Абу ал Кебаш од заедницата Хирбет Хумса во северната долина на Јордан, му ги преврзале гениталиите и го претепале пред членовите на неговата заедница и меѓународните активисти, кажале сведоци.

Во октомври 2023 година, доселеници и војници ги соблекле, врзале и претепале Палестинците од селото Вади ас-Сик. Според наводите, тие уринирале врз нив, се обиделе да силуваат еден од нив со рачка од метла и ги фотографирале голи, а потоа јавно ги дистрибуирале тие фотографии.

Сексуалното насилство и вознемирувањето имале тешки последици дури и во заедниците без раселени лица, а особено биле погодени жените и девојките. За да се намали можноста за контакт со Израелци кои можеле да ги нападнат или вознемират, девојките го напуштале училиштето, а жените престанале да работат.

Тоа довело и до зголемување на раните бракови, бидејќи родителите во очаен обид да ги заштитат своите ќерки бараат начини да ги оддалечат од заканите. Најмалку шест семејства интервјуирани за извештајот договарале бракови за девојчиња на возраст меѓу 15 и 17 години.

Центарот за правна помош и советување за жени (ВКЛАК) во Рамала исто така документирал употреба на сексуално насилство и вознемирување врз палестински жени и девојчиња со цел растурање и раселување на заедниците.

ВКЛАК наведува дека жените на окупираниот Западен Брег пријавиле сексуални напади, вклучително и присилна пенетрација за време на претреси, и злоупотреба, како што се случаи во кои израелски војници се изложувале на девојчиња на контролни пунктови. Понижувањето вклучувало исмејување на девојчиња кои имале менструација.

„Девојчињата не одат на училиште и сме сведоци на рани, присилни бракови. Ова се малолетнички, но знаеме дека вака родителите се обидуваат да ги заштитат со тоа што ги испраќаат надвор од областа“, вели Кифаја Краим, раководител на единицата за застапување во ВКЛАК.

„Жените ги губат своите работни места затоа што не можат да дојдат на работното место поради сексуално насилство, па затоа одлучуваат да останат дома.“ Краим верува дека нејзиниот тим знае само за мал дел од случаите. „Ова е можеби 1 процент од случаите, а ние моравме да направиме многу истражувања. во локалните заедници само за да стекнеме доверба кај луѓето да ни раскажат за тоа“.

Милена Ансари, раководител на одделот за Окупирана палестинска територија во „Лекари за човекови права – Израел“, вели дека порастот на сексуалното насилство и злоставување на Западниот Брег се случува во рамките на поширока култура на неказнивост за напади врз Палестинци. Неодамнешната одлука за отфрлање на обвиненијата против војниците за снименото силување на затвореник во центарот Сде Теиман испрати особено јасна порака, вели тој.

„Израелските власти ефикасно даваат зелено светло за употреба на сексуално насилство кога одлучуваат да не го гонат најзначајниот и исклучително добро документиран случај“, вели Ансари. „Постои култура на прифаќање на сексуален напад врз Палестинци. Кнесетот дебатираше дали е во ред да се силува Палестинец. Дури ни премиерот не кажа дека Израел е против силување на затвореници“.

Неуспехот на Израел да ги гони доселениците кои напаѓаат Палестинци на Западниот Брег го наведе поранешниот израелски премиер Ехуд Олмерт во интервју за Гардијан да го повика Меѓународниот кривичен суд да интервенира за да ги спаси Палестинците од „еврејските терористи“.

Извештајот е базиран на 83 интервјуа со палестински заедници низ окупираниот Западен Брег. Меѓу учесниците има ранливи луѓе, оние кои веќе се принудени да ги напуштат своите домови, жени, млади активисти и лидери на заедници.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ