Ракетите се „стратешко оружје од големо значење“ и погодија цел на 1.500 километри оддалеченост и паднаа во територијалното море за време на тестовите во саботата и неделата, објави државната новинска агенција КЦНА.
Севернокорејските крстосувачки ракети обично предизвикуваат помал интерес отколку балистичките проектили, бидејќи не се експлицитно забранети со резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации.
„Оваа би била првата крстосувачка ракета во Северна Кореја која експлицитно доби ‘стратешка улога’“, изјави за Ројтерс Анкит Панда од американската тинк-тенк Фондација Карнеги за меѓународен мир.
„Тоа е вообичаен еуфемизам за нуклеарно способни системи“, додаде тој.
Не е познато дали Северна Кореја ја совлада технологијата потребна за изработка на боеви глави доволно мали за крстосувачка ракета, но врховниот лидер Ким Џонг Ун претходно оваа година рече дека развојот на помали нуклеарни бомби е важна цел.
Јужнокорејската војска не откри дали ги детектирала најновите тестови на нејзиниот северен сосед, но во понеделникот објави дека спроведува детална анализа во соработка со Соединетите Држави.
Индопацифичката команда на американската војска (ИНДОПАКОМ) најави дека ќе ги координира своите активности со сојузниците и партнерите.
„Оваа активност укажува на континуираниот фокус (на Северна Кореја) на развој на воениот капацитет и заканата што ја претставува за нејзините соседи и меѓународната заедница“, се вели во соопштението на ИНДОПАКОМ.
Ова се први ракетни тестови на Северна Кореја од март, кога беа тестирани нови тактички балистички ракети со краток дострел.
Крстосувачките ракети можат да бидат вооружени со конвенционално оружје или нуклеарни боеви глави.
Обелоденувањето на тестирањата е на само еден ден пред состанокот на главните преговарачи на САД, Јужна Кореја и Јапонија во Токио за нуклеарното прашање.
Тие ќе разговараат токму за тоа како да се рестартираат преговорите со Северна Кореја.
Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји во вторник во Сеул ќе се сретне со својот јужнокорејски колега Чунг Еуи-Јонг.
Администрацијата на Бајден изјави дека е подготвена да разговара со Пјонгјанг со цел денуклеаризација на Корејскиот Полуостров, но не покажа подготвеност да ги ублажи санкциите.






