Јужна Кореја и САД денес ја почнаа прелиминарната обука, а поголемите компјутерски симулирани вежби се закажани за следната недела, дознава Ројтерс од воени извори.
Најавата за одржување воени маневри резултираше со пораст на тензиите на Корејскиот Полуостров по затоплувањето на односите меѓу Сеул и Пјонгјанг и повторното воспоставување на телефонската „жешка линија“ во јули.
Одлуката за обнова на интерните канали на комуникација ја донесоа јужнокорејскиот претседател Мун Јае Ин и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, кои од април разменија и бројни писма.
Но, Ким Јо Џонг денес одлуката на Сеул да одржи воени вежби само неколку недели по враќањето на комуникацијата ја нарече „подмолно однесување“.
„Вежбите се чин на самоуништување за кои би требало да платат скапа цена бидејќи се заканува на безбедноста на нашиот народ и дополнително ја загрозува состојбата на Корејскиот Полуостров“, порача таа.
Реакцијата на Северна Кореја, земја која има нуклеарно оружје, би можела да ги осуети плановите на Сеул повторно да ја отвори заедничката канцеларија за врски.
Засега нема коментар од американското и јужнокорејското министерство за одбрана на изјавата на севернокорејската државничка.
САД во Јужна Кореја имаат распоредено околу 28.500 војници.






