Соединетите Држави ќе преземат мерки за да ја ублажат загриженоста на Мексико во врска со хуманитарните последици од политиката, рекоа официјални лица, вклучително и вакцини за мигрантите и исклучоци за повеќе категории на ранливи групи.
Мигрантите, исто така, ќе бидат прашани дали се плашат од прогон или тортура во Мексико пред да бидат вклучени во програмата и ќе имаат пристап до правна помош, изјавија американските власти.
Бајден ја укина програмата МПП (Протоколи за заштита на мигрантите) веднаш по својата инаугурација во јануари. Но, сојузниот судија пресуди дека така не е почитувана потребната процедура и во август нареди политиката да се врати на сила.
На владата за тоа ѝ требало согласност од Мексико.
Мексикански официјален претставник рече дека американската влада ги прифатила сите нивни услови.
Во исто време, администрацијата на Бајден сè уште работи на укинување на таа политика.
МПП била темел на строгата имиграциска политика на поранешната администрација на претседателот Доналд Трамп. Десетици илјади луѓе биле вратени во Мексико да чекаат со месеци, понекогаш и години, за да бидат сослушани од американските имиграциски власти во импровизирани судници во близина на границата.
Политиката ќе продолжи да се спроведува на еден американски граничен премин во понеделник на помала група мигранти, а потоа ќе се прошири во Сан Диего, Калифорнија и Ел Пасо, Ларедо и Браунсвил, Тексас.
Бајден вети дека неговиот пристап кон имиграцијата ќе биде похуман. Но, неговата администрација продолжи да ја спроведува одлуката на Трамп за јавно здравство под името Наслов 42, која им овозможува на граничните власти брзо да ги протераат мигрантите без да им дадат шанса да побараат азил. Речиси две третини од рекордните 1,7 милиони мигранти фатени на граница оваа фискална година се протерани според оваа одредба.






