Двајцата шефови на држави беа пречекани од швајцарскиот претседател Гај Пармелин во Вила ла Гранж, историска вила од 18 век со прекрасен поглед на Женевско Езеро. При пречекот на своите гости Пармелин одржа краток говор на француски јазик. Двајцата водачи слушаа додека воведните зборови беа преведувани на руски, а потоа на англиски.
„Би сакал да ви посакам добредојде во Женева, градот на мирот. Чест и задоволство за Швајцарија е да ве прими тука на самитот и во согласност со својата традиција на помагање на другите, да промовира дијалог и меѓусебно разбирање“, рече Пармелин.
„На двајцата претседатели им посакувам плоден дијалог во интерес на вашите две земји и на светот. Со среќа и довидување“, заклучи тој.
[video:https://www.youtube.com/watch?v=IF10HofZm3Y autoplay:0]Путин и Бајден тогаш застанаа еден до друг и се фотографираа ракувајќи се, пред да влезат во вилата и да седнат во библиотеката, на местото на првиот состанок на двајцата претседатели, заедно со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и американскиот државен секретар Антониј Блинкен.
Пред почетокот на состанокот, и Путин и Бајден јавно разменија учтиви поздрави.
„Би сакал да ви се заблагодарам за вашата иницијатива да се сретнеме денес“, рече Путин. „Односите на Русија и САД имаат многу натрупани прашања за кои е потребен состанок на највисоко ниво и се надевам дека нашата средба ќе биде продуктивна.“
Бајден се согласи со тоа, истакнувајќи „секогаш е подобро да се сретнуваме лице в лице“.
По овие коментари, новинарите беа истерани од собата и почнаа приватните разговори.
Двајцата лидери треба да разговараат за широк спектар теми, меѓу кои и за пандемијата на ковид-19, војната во источна Украина и борбата против компјутерскиот криминал. Тие ќе разговараат и за други области за соработка, како што се климатските промени, Арктикот и Блискиот Исток.
[video:https://www.youtube.com/watch?v=vPCNbrao3kY autoplay:0]





