сабота, 16 мај 2026

Руската полиција упаѓа во станови на новинари, претресува и притвора

Објавено на

часот

Сподели

Руската полиција денеска извршила претрес во домовите на неколку новинари, а најмалку еден новинар бил приведен.

Руската полиција упадна во становите на неколку истражувачки новинари додека се подготвувале да објават напис дека еден од главните Путинови министри тајно си натрупал корумпирано богатство, вели Гардијан.

Интернет-порталот Проект објави дека полицијата е во домот на главниот уредник Роман Баданин и дека го уапсила заменик-главниот уредник Михајло Рубин.

Вработените во Проект шпекулираат дека претресите се поврзани со напис од 2017 година за еден извршен директор од Санкт Петербург. Сепак, во последно време Проект објави неколку истражувачки стории за Путин и неговиот близок круг.

Тука беа истраги за некои од најзастрашувачките соработници на Путин, меѓу кои и лидерот на Чеченија Рамзан Кадиров и бизнисменот Јевгениј Пригожин. Користејќи протечени информации за имоти и пасоши, веб-страницата, исто така, минатата година во статија тврдеше дека Путин има ќерка од тајна љубовница.

Пристапот до веб-страницата Проект е повремено оневозможен.

„Вчера објавивме дека написот излегува. Утрово ни вршат рација. Тоа дури не се ни крие“, изјави за веб-страницата Инсајдер заменик-уредникот Михаил Рубин, кој во вторникот кратко беше во притвор.

Бил извршен упад и во станот на Марија Жолобова, авторката на вторничниот истражувачки напис, заедно со оној на Рубин.

Баданин беше осомничен во процес за клевета за напис од 2017 во врска со бизнисмен од Санкт Петербург, наводно поврзан со мафијата. За бизнисменот исто така се вели дека му е соработник на Путин.

Медиумите критички настроени кон руската влада се жалат дека страдаат од растечки притисок од владата.

Некои, како порталот Медуза, кој е критички настроен кон владата, се окарактеризирани како „странски агенти“.

Медуза вели дека ваквата процена значи дека деловните партнери ги прекинуваат врските и дека организацијата со седиште во Латвија морала да затвори некои од своите канцеларии и да им ги намали платите на вработените.

Фондацијата за борба против корупцијата, на затворениот опозициски политичар Алексеј Навални, е прогласена за екстремистичка и беше наредено да се ликвидира. Таа тврдеше дека на Путин му била дадена палата на Црно Море од 1 милијарда фунти и дека премиерот Дмитриј Медведев примал подароци од богати олигарси, што предизвика масовни протести.

И други герилски медиуми основани од новинари, исто така, ги испитуваа блиското семејство и пријателите на Путин. Минатата година, веб-страницата ај-Сторис тврдеше дека поранешниот зет на Путин за малку пари купил акции во вредност од приближно 380 милиони американски долари само неколку месеци откако се оженил со неговата ќерка.

Иако полицијата и судовите ги задушуваат протестните и опозициските движења во Русија, владата не успева да се справи со купиштата руски податоци што протекоа и беа продадени на широкиот црн пазар, вели Гардијан.

Тие податоци станаа политичка непријатност и слаба точка на националната безбедност. Истражувачката веб-страница Белингкет https://www.mkd.mk/svet/analizi/navalni-e-otruen-od-tim-ubijci-na-ruskata-fsb-veli-izveshtaj-na-belingket минатата година објави дека телекомуникациските и патничките податоци покажале дека активистот бил будно следен од руските полициски служби и открија дека елитен токсичен тим на Федералната служба за безбедност (ФСБ) бил пратен да го убие Навални со отровот новичок.

Слични техники беа искористени за идентификување на осомничените зад труењата во Солсбери во 2018 година како припадници на руското воено разузнавање.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ