Во интервју за Фокс њуз, чиј транскрипт беше објавен од американското Министерство за надворешни работи, Рубио истакна дека е постигнат одреден напредок во последните денови, објавува Фокс њуз.
„Целосно сме фокусирани на ова. Постигнат е одреден напредок и покрај јавните пораки на Хамас, но на крајот тоа мора и да се оствари и се надеваме дека ќе имаме добри вести во наредните денови“, рече Рубио.
„Знам дека нашите партнери во Египет и Турција се вклучени во овој процес. Во текот на викендот имаше некои ветувачки знаци дека се приближуваме кон договор за нивна демилитаризација. Но, тоа мора да се реализира. Целиот овој проект ќе успее само ако Хамас е демилитаризиран. Додека тоа не се случи, сè е под знак прашалник“, додаде државниот секретар.
Рубио одби директно да одговори на прашањето дали САД би го поддржале Израел во продолжувањето на воените операции во случај да не се постигне договор за демилитаризација. „Да се надеваме дека ќе можеме да го избегнеме тоа. Тоа не е исходот што го сакаме“, рече тој.
Според два извори од Хамас, првите директни разговори меѓу САД и Хамас по прекинот на огнот во Газа договорен во октомври се одржале кон средината на април. Разговорите биле дел од напорите за унапредување на кревкиот договор постигнат со посредство на САД.






