„Американската загриженост за милитаризацијата нема никаква основа“, им кажа Путин на новинарите по средбата со американскиот претседател Џо Бајден во Женева, и додаде дека е уверен дека двете страни треба да соработуваат во таа област.
Путин и Бајден го одржаа вчера својот прв состанок во Женева во обид да ги смират силните тензии меѓу двете земји. Путин кажа дека состанокот бил „конструктивен“.
Рускиот претседател истакна дека Русија не направила ништо ново во регионот на Арктикот туку дека само ја обновува уништената инфраструктура по распадот на СССР.
Путин го одреди регионот на Арктикот како стратегиски приоритет и нареди големи инвестиции во воената инфраструктура и вадењето руда, што доведе до раст на тензиите со другите земји во регионот.
Тој денес даде уверување дека Русија планира целосно да ги почитува меѓународните правни норми на Арктикот.
Климатските промени направија Арктикот да стане попристапен, и се засили конкуренцијата за природните ресурси во тој регион и за неговите поморски патишта, особено меѓу САД и Русија, но и Кина.
Москва го зајакна своето воено присуство и повторно отвори и модернизираше повеќе бази напуштени од советската ера и го распореди својот ракетен противвоздушен систем С-400.
Русија е заинтересирана за користење на североисточната поморска рута која оди покрај северот на земјата и е попристапна откако се намалуваат периодите кога тој регион е целосно блокиран со мраз.
„Спремни сме да им помогнеме на сите компании во развојот на северната поморска рута“, кажа Путин.






