„Не го сметам украинскиот народ за непријателски. Го кажав тоа многу пати и можам да повторам уште еднаш. Верувам дека Украинците и Русите се еден народ“, рече претседателот за време на специјалната програма „Директна линија“ како одговор на прашање на граѓанин зошто Украина не е вклучена на списокот на непријателски земји, пренесува руската агенција ТАС.
„Сепак, раководството на модерна Украина, за разлика од нејзиниот народ, очигледно е непријателски расположено“, додаде Путин.
Рускиот претседател истакна дека со Украина во целост се управува однадвор, од Вашингтон и делумно од Париз.
„Зошто би се сретнал со (Владимир) Зеленски?“, праша рускиот претседател.
Тој, сепак, додаде дека не е против средба со украинскиот лидер, но дека треба да се видат темите на разговор.
Точно напладне по московско време, по 18-ти пат, рускиот претседател започна да одговара на прашањата на руските граѓани во рамки на традиционалната ТВ програма „Директна линија“.
Како што беше најавено претходно, за рускиот претседател се примени околу два милиони прашања и тие продолжуваат да пристигнуваат, пренесува руската агенција ТАС.






