„Го разгледуваме таквото сценарио. Им праќаме информации на властите во Белорусија дека се заканува таква опасност доколку не престанат со своите активности“, рече денеска за порталот Виртуелна Полска портпаролот на Владата Пјотр Милер.
Во вторникот, во придружба на белоруските служби близу граничниот премин покрај полската месност Кужнице пристигна група од околу 800 мигранти, главно од Ирак и од Блискиот Исток, повеќето помлади мажи, но и жени со деца, и се обидоа со сила преку боцкава жица да се пробијат во Полска, но ги запреа кордон полицајци и солзавец.
„Имавме три поголеми обиди на преминување на границата за 24 часа, околу 100 лица кај месноста Кринке, околу 200 во Бјаловјежа, и во текот на ноќта неколку десетици лица се обидоа да ја преминат границата близу месноста Дубиче Церкјевне. Тие лица се фатени и вратени во Белорусија“, кажа Катажина Зданович.
Министерот за одбрана Марјуш Блашчак соопшти на Твитер дека на полската граница има веќе 15.000 војници, како и илјадници граничари и полицајци.
Полските власти проценуваат дека по должината на границата на белоруска страна има меѓу 2.000 и 4.000 мигранти, кои од летово пристигнуваат со авиони од блискоисточните престолнини, со легални белоруски туристички визи. Се сместуваат во хотели, а потоа белоруските служби ги превезуваат и ги следат до границата, каде што досега во помали групи се обидуваа да ја совладаат засега импровизираната ограда од жилет-жица и да преминат во Полска, а потоа да продолжат за Германија.
Во Варшава пристигнува претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел за да разгледа со премиерот Матеуш Моравјецки како да се спречи понатамошната ескалација на мигрантската криза на новоотворената источна траса, бидејќи и ЕУ, како и Полска и балтичките земји, го обвини режимот на белорускиот претседател Александар Лукашенко дека ги користи мигрантите како инструмент во хибридната војна за да ја дестабилизира ЕУ.
ЕУ ѝ нуди на Полска на границата со Белорусија да прати граничари на Фронтекс, полската опозиција бара да се почнат политички консултации со сојузниците во НАТО, според членот 4, за да се крене ескалацијата на кризата на меѓународно ниво. Меѓутоа, владата на премиерот Моравјецки засега ги одбива овие предлози, тврдејќи дека Полска е во состојба сама да си ја брани границата,
„Ова е прва таква ситуација во последниве 30 години нашата безбедност и интегритетот на нашите граници да бидат нападнати и тестирани на толку брутален начин“, кажа вчера на вонредната расправа во Сејмот на полскиот парламент премиерот Моравјецки.
Опозицијата во Сејмот ја поддржа Владата во обвинувањата на Лукашенко и на Русија за ескалацијата на кризата, но меѓу другото бараше во појасот широк 3 км по должината на границата со Белорусија, во кој од почетокот на септември е во сила вонредна состојба, да бидат пуштени новинарите за да не им биде медиумското известување препуштено само на белоруската и на руската пропаганда.
„Разговаравме за тоа да ги пуштиме новинарите на границата, приврзаник сум да се најде некаков начин“, кажа за состанокот со претседателот Анджеј Дуда и премиерот Матеуш Моравјецки шефот на Националното биро за безбедност Павел Солох.
Портпаролот на координаторот на полските специјални служби, Станислав Жарин, денеска кажа дека Граничната стража од почетокот на годината забележала 30.000 обиди на нелегално преминување на границата, а во последниве денови е забележлива ескалацијата, па полските служби за безбедност очекуваат дека на границата ќе пристигнуваат нови групи од Минск и ќе се обидуваат со сила да се пробијат во ЕУ.
„Со мигрантските траси на извесен начин управуваат и ја поттикнуваат миграцијата групи меѓу другото и на Фејсбук. Во последниве денови успеавме да затвориме неколку такви групи. Фејсбук е отворен за соработка, а ја имаме и поддршката на американската амбасада во Варшава“, рече Жарин.






