среда, 6 мај 2026

Папата ќе помогне 50 мигранти од Кипар да се преселат во Италија

Објавено на

часот

Сподели

Педесет мигранти ќе бидат преместени во Италија по завршувањето на посетата на папата која ќе започне во четврток, но најверојатно не пред Божиќ од логистички причини, рече изворот.

Портпаролот на кипарската влада Мариос Пелеканос, без да наведе детали, изјави дека Ватикан изразил намера да се преселат мигранти од тој остров во Рим.

„Тоа е опиплив израз на солидарноста на поглаварот на Католичката црква со луѓето во неволја, што потврдува дека Ватикан го препознава проблемот на Република Кипар со зголемениот прилив на мигранти и потребата овој товар правично да се распредели меѓу земјите-членки на ЕУ“, рече тој.

Кипар е земја-членка на Европската унија географски најблиску до Блискиот Исток и во последните години е преплавена со мигранти.

Пристигнувањата оваа година, која сè уште не завршила, се зголемени за 38 отсто во однос на цела 2020 година, се наведува.

Многумина пристигнуваат преку пропустливата „зелена линија“, зона под надзор на ОН формирана по турската инвазија на Кипар која со тоа возврати на државниот удар поддржан од Грција.

Таа зона ја разделува Турската Република Северен Кипар, која е призната само од Турција, од меѓународно признатата Република Кипар, грчкиот дел на југот на островот кој е дел од ЕУ од 2004 година.

Од 10.868 пристигнувања на мигранти во првите десет месеци од 2021 година, повеќе од 9.000 биле направени на оваа рута.

Бројни баратели на азил доаѓаат од Сирија разурната од војна, но пристигнувањата од субсахарска Африка во последно време се во пораст.

Папата Франциско од 2 до 4 декември ќе престојува на Кипар, по дводневна посета на Грција каде повторно ќе го посети островот Лезбос, кој е привремен дом на голем број мигранти.

Франциско, кој го впиша мигрантското и бегалското прашање во приоритетите на својот понтификат, го посети бегалскиот камп Мориа во 2016 година, од каде се врати со 12 бегалци од Сирија.

Кампот Морија беше уништен во пожар минатата година и заменет со нов камп за сместување бегалци и баратели на азил, наречен Мавровони.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ