понеделник, 4 мај 2026

ОН предупредуваат: Последните седум години се најтоплите досега

Објавено на

часот

Сподели

Годишниот извештај за состојбата на климата „откри дека нашата планета се менува пред нашите очи“, коментираше генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

„Од океанските длабочини до планинските врвови, под немилосрдното делување на топењето на глечерите и екстремните метеоролошки појави на целата планета, исчезнуваат екосистеми и популации на планетата“.

Конференцијата за климата КОП26, која започна во неделата во Глазгов и ќе трае две недели, треба да биде „пресвртница за човештвото и за планетата“, додаде тој во соопштението.

Во првите девет месеци од 2021 година, просечната температура се зголеми за околу 1,09 степени Целзиусови во споредба со прединдустрискиот период.

Поради влијанието на феноменот Ниња, кој на почетокот на годината ја спушти температурата, годинава нема да го собори рекордот, но „најверојатно“ сепак ќе биде меѓу петтото и седмото место.

Така, изминатите седум години повторно би биле најтоплите досега. Најтопла и понатаму е 2016 година.

Порастот на просечната температура во последните 20 години (2002-2021) првпат го надминува симболичниот праг од +1 степен Целзиусов од средината на 19 век, кога луѓето почнаа да користат фосилни горива на индустриско ниво.

„Фактот што просекот во последните дваесет години надмина +1 Целзиусов степен ќе влијае на размислувањето на учесниците на КОП26 кои се обидуваат да го задржат порастот на температурата во границите поставени со Парискиот договор“, коментира Стивен Белчер, научник од британската метеоролошка служба кој учествуваше во изготвувањето на извештајот.

Главната задача на Парискиот договор е да се намалат емисиите на стакленички гасови со цел глобалното затоплување да се ограничи на температури многу под +2 Целзиусови степени во споредба со прединдустрискиот период, а ако е можно и на +.5 Целзиусови степени.

 Но, со сегашните трендови, експертите за клима на ОН предупредуваат дека границата од +1,5 степени Целзиусови може да се достигне околу 2030 година.

Само во 2021 година, светот беше погоден од екстремни временски услови, топлотни бранови во Северна Америка и јужна Европа, разорни пожари во Канада и Сибир, леден бран во централниот дел на САД, обилни врнежи во Кина и западна Европа и суша што предизвика глад во Мадагаскар.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ