„Никогаш не било полесно да се прими вакцина. Никогаш не било побрзо“, рече таа во својот поткаст, посочувајќи на некомплицираниот начин на вакцинација, која ќе се спроведува на голем број места, како што се трамваи, стадиони, џамии.
Таа посочи дека четири милиони луѓе во Германија се разболеле од коронавирусот, а повеќе од 90.000 починале.
„Тоа е број што претставува огромна болка“, посочи таа, наведувајќи дека многу граѓани се соочуваат и со тешки последици од болеста.
Меркел потсети дека пред една година немаше излез од пандемијата, а денес тој излез може да се понуди преку безбедни и ефикасни вакцини. Таа оцени дека е одлично тоа што повеќе од 55 милиони луѓе во Германија ја искористиле понудата за вакцинирање, како и дека повеќе од 50 милиони биле целосно имунизирани.
„Тоа е огромен успех“, рече Меркел.
Во исто време, таа изрази жалење што бројот на новозаразените повторно расте и додаде дека огромното мнозинство пациенти што се хоспитализирани се невакцинирани.
За да може Германија добро да помине низ есента и зимата, рече таа, потребно е што е можно повеќе луѓе да се уверат дека треба да се вакцинираат. Како дел од кампањата за вакцинација, граѓаните ќе можат да се вакцинираат без да закажат термин.
„Ве молиме, заштитете се себеси и другите. Вакцинирајте се“, апелира Меркел.






