На прашањето дали признавањето на Косово е услов за членство на Србија во ЕУ, Меркел на заедничка конференција за новинарите со претседателот на Србија Александар Вучиќ кажа дека „некои прашања ќе бидат решени на крајот на процесот“ на европските интеграции на Србија.
„Тоа (косовското) прашање мора да се реши за државите членки на Унијата потврдно да одговорат за пристапувањето (на Србија) во ЕУ. Но нема смисла да се разговара за крајот на тој процес пред да се решат другите проблеми. Јас сум за прагматичен пристап, тоа прашање нема да исчезне, тоа мора да се решава, но јас сум за мапа на патот, каде прво се решаваат сите други прашања“, кажа Меркел.
Таа наведе дека ЕУ мора да има „многу разбирање за конфликтите кои треба да се надминат“ и укажа дека и на Германија ѝ било потребно „долго време кога станува збор за единството и признавањето на границите и слични прашања“.
Наведе дека ЕУ има „голем геостратегиски интерес“ сите земји од Западниот Балкан да бидат примени во ЕУ и укажа на можноста за „влијание од други региони“ ако Унијата не дејствува доволно брзо во некои ситуации.
Таа ја охрабри Србија „да оди понатаму кон правна држава, кон плурално општество“ и додаде дека „економските успеси треба да бидат показател дека членството во ЕУ е цел која се исплати“.
Меркел кажа дека Србија и Германија се „блиско поврзани“ и додаде дека односите во економијата и културата се „одамна воспоставени“.
Наведе дека во текот на годините на соработката со Вучиќ со него воспоставила „однос на целосна доверба“.
„Нашите односи ги карактеризира искреност во разговорите и способност да се ислуша другата страна. Го запознав Вучиќ како личност која не дава лажни ветувања туку секогаш се труди да го спроведе тоа што го ветил“, кажа германската канцеларка.






