Меркел уште еднаш кажа, овој пат во Ерусалим, дека по повлекувањето на Соединетите Американски Држави од Авганистан Европа мора појасно да ги дефинира сопствените безбедносни интереси.
„Се виде дека Америка повеќе не е безусловно спремна да ја преземе лидерската улога секаде во светот“, кажа германската канцеларка Ангела Меркел вчера во Ерусалим, во разговор со претставници на израелскиот Институт за национални безбедносни студии (ИНСС).
Меркел притоа кажа дека „Израел е блиску до надворешните граници на Европа, поради што ги делиме заедничките безбедносни интереси“.
Зборувајќи за напорите да се заузда иранската нуклеарна програма, канцеларката кажа дека во моментов се минува „низ критична фаза“.
Германија и Израел, според Меркел, имаат заеднички став дека нуклеарно вооружување на Техеран мора да се спречи по секоја цена, а несогласувања постојат само околу тоа кој е вистинскиот начин тоа да се направи.
Додаде дека меѓународниот нуклеарен договор со Иран од 2015 сè уште го смета за „договор кој е далеку од совршен, но кој нуди рамка за дејствување“.
Осврнувајќи се на Блискоисточниот конфликт, Меркел забележа дека во последно време прашањето на Палестинците сè повеќе „исчезнува од актуелниот дневен ред“. Тоа, како што оцени, не е добро.
„Како што Израел има право на држава, така не смее да се изгуби од вид ни правото на Палестинците“, кажа, додавајќи дека таа тема долгорочно нема да исчезне, дури ни ако Израел изгради подобри односи со арапските земји.
Таа истовремено ги поздрави „прагматичните чекори на владата (на Израел) за поправање на условите за живот на Палестинците“.
Меркел од саботата вечерта до синоќа беше во проштална посета на Израел. Во неделата во Ерусалим се сретна со премиерот на Израел Нафтали Бенет и го посети меморијалниот центар Јад Вашем. Меркел тогаш ја истакна одговорноста на идните германски влади за безбедноста на Израел и одлучната борба против антисемитизмот.






