сабота, 25 април 2026

Либералите во Мароко победија на изборите по десетгодишно владеење на исламистите

Објавено на

часот

Сподели

Победата на либералите ја објави мароканскиот министер за внатрешни работи Абделуафи Лафит, по преброени 96 отсто од гласовите, соопшти официјалната мароканска новинска агенција МАР (Магреб Араб прес).

Исламистичката Партија на правдата и развојот (ПЈД) која е на власт од 2011 освои само 12 од 395 пратенички места колку што има марокански парламент, што е значителен пад во однос на 125 мандати колку што партијата освои на изборите во 2016.

Либералите обединети во партијата Национална унија на независните (РНИ) освоија 97 места и станаа најголема партија во парламентот.

Втората по ред според бројот на освоени мандати е Партијата на автентичност и модерност (ПАМ) која обезбеди 82 места во парламентот.

Конзервативната Партија на независноста е на трето место со освоени 78 мандати.

Според бројот на освоени мандати исламистичката партија ПЈД е на осмото место.

Ова се трети по ред парламентарни избори во Мароко откако протестите кои избија за време на Арапската пролет во 2011 резултираа со уставни реформи.

Но, и покрај промените, кралот Мохамед Шести, како најмоќна личност во земјата, и понатаму сам ги носи повеќето политички одлуки.

Некои аналитичари наведуваат дека причината за поразот на исламистите се неодамнешните измени и дополнувања на изборниот закон, според кои, местата во парламентот се доделуваат врз основа на бројот на впишаните гласачи, а не врз основа на важечките гласачки ливчиња.

Азиз Рабах, марокански политичар и член на партијата ПЈД ги опиша резултатите на изборите како „катастрофални“ и за поразот на својата партија го обвини „нејасниот“ изборен процес.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ