„Сан е добро познат и не е научен магазин. Ова е веројатно нашиот став кон објавата на тој весник“, одговори Песков.
Тврдењето на Сан го пренесоа бројни британски таблоиди, меѓу кои Дејли мејл, Метро и други.
„Русија е обвинета дека со помош на свој шпион во Британија ја украла формулата на вакцината на Оксфорд и Астразенека за Москва да може да ја направи исклучително сличната вакцина Спутник V и да победи во трката за правење на првата светска антиковид вакцина“, пренесе Дејли мејл.
Безбедносни извори наводно имаат доказ дека „крт“ од Москва во Англија бил во можност физички да ја украде тајната формула, но не е јасно дали станува збор за документ на фармацевтскиот гигант, или шишенце кое било украдено и прошверцувано од земјата за понатамошни анализи, се додава.
Министерот за полиција на Британија Демијан Хиндс кажа дека не може да го коментира случајот, но не ја негираше можноста за кражбата, туку кажа дека е „фер да се претпостави дека постојат одредени странски земји кои би сакале да дојдат до доверливи информации, вклучувајќи и комерцијални и научни тајни и интелектуална сопственост“.
Агенти на службата МИ5 кажале дека наводно руски хакери почнале неколку сајбер напади врз универзитетот Оксфорд, почнувајќи од март 2020 година, токму околу времето кога британските научници објавија дека развиваат вакцина.
Подоцна беше откриено дека Спутник V работи на истиот начин како британската вакцина. Двете се векторски вакцини, кои содржат ослабена верзија на друг безопасен жив вирус кој во себе носи генетски материјал од новиот коронавирус.






