Началникот на Генералштабот на израелската армија, генерал-полковникот Авив Кохави, во вторникот изјави дека израелската армија „ги забрзува оперативните планови и подготвеноста да се соочи со Иран и нуклеарната воена закана“, пренесува АП.
Обраќајќи им се на пратениците на состанокот на Комитетот за надворешни работи и одбрана на Кнесетот, Кохави рече дека војската „продолжи да дејствува против нашите непријатели во тајните операции и мисии низ Блискиот Исток“ во текот на минатата година.
Се наведува дека иранското присуство во близина на израелската северна граница е црвена линија и дека целите на акцијата се испраќање оружје за либанската милитантна група Хезболах, која Иран ја поддржува, и објектите поврзани со Иран во Сирија.
Неговите изјави следуваа по серијата пријавени израелски воздушни напади во Сирија.
Израел во изминатата деценија изврши стотици напади врз воени цели поврзани со Иран во соседна Сирија, но ретко ги признава своите операции.
„Во случај на војна, ние ќе бидеме подготвени да извршиме операции што не се видени во минатото, со средства што во минатото не биле во наши раце, а кои ќе му наштетат на срцето на теророт и неговите капацитети“, рече израелскиот министер за одбрана Бени Ганц.
Израел го смета Иран за егзистенцијална закана и предупреди дека ќе дејствува со воена сила доколку е потребно за да го спречи Иран да развие нуклеарно оружје.
Минатиот месец израелскиот министер за надворешни работи Јаир Лапид рече дека „ако терористичкиот режим сака да набави нуклеарно оружје, ние мора да дејствуваме“.
Иран инсистира дека неговата нуклеарна програма е само за мирољубиви цели, а Техеран треба да ги продолжи нуклеарните преговори со светските сили овој месец, откако договорот од 2015 година пропадна по повлекувањето на САД во 2018 година.






