Окружниот суд на градот Фукуока на 24 август ја донесе одлуката дека 74-годишниот Сатору Номура, шеф на бандата Кудокаи, која „оперира“ на северот на јапонскиот остров Кјушу, е виновен за организирање четири злосторства во кои се убиени и ранети повеќе граѓани и еден детектив и го осуди на смрт со бесење.
Иако во Јапонија редовно се изрекуваат и спроведуваат смртни казни, ова е историски настан бидејќи до сега, главно поради проблемот да се докаже кој ги наредил тешките злосторства кои ги извршила мафијата поради молчењето и заплашувањето на сведоците, на ниеден од босовите на организираниот криминал не му е изречена најтешката казна.
Иако не е толку броен како најголемите мафијашки групи во земјата, клановите Јамагучи и Сумијоши кои, како што се проценува, во своите редови имаат по неколку десетици илјади членови и помагачи, Кудокаи, која има бази во градовите Кита Кјушу и Фукуока, се разликува од другите во Јапонија по тоа што не се воздржува од напади врз обично граѓани кои на некој начин им застанале на патот или ги навредиле членовите на групата.
Треба да се напомене дека во Јапонија претепувањата и убиствата кои ги вршат мафијашите, познати како „јакузи“, главно се феномени ограничени на судирите меѓу ривалските банди, и дека, според мислењето на домашните новинари постои премолчено разбирање со полицијата дека додека не се преземаат брутални злосторства кон граѓаните подземјето може релативно непречено да врши полесни незаконски активности како коцка и проституција или местење на обложувањата на коњски трки.
Kudo-kai top of the death penalty, “I will regret my life” to the presiding judge
After the trial, Satoru Nomura, the head of the Kudo-kai, said to the presiding judge as if he threatened to “regret this for the rest of his life.” pic.twitter.com/PCmLFtdtgn
— Japan News Network (@JPNewsNetwork) August 25, 2021
Покрај Номура, на судењето кое почна во 2019, на обвинителната клупа се најде и друг човек на бандата, 65-годишниот Фумио Тауе, кој за своето учество во злосторствата доби доживотен затвор.
Историскиот процес во Фукуока е спроведен без поротници, поради стравот дека би можеле да бидат изложени на закани или повредени, особено поради тоа што при едно претходно судење на припадници на Кудокаи дури четири од пет сведоци на обвинителството мистериозно ги повлекле своите изјави.
За дрскоста на бандата зборува и тоа дека на времето ја запалила куќата на командирот на одделот против организираниот криминал на префектурата Фукуока.
Судиите оценија дека Номура, како неприкосновен лидер на бандата, морал да ги нареди четирите злосторства за кои се товари бидејќи за нивното извршување биле мобилизирани голем број припадници, што не би можело да биде направено без знаење на највисоката фигура во организацијата, како и дека за некои од нив имал личен мотив за одмазда.
Криминолозите и социолозите во Јапонија го поздравија изрекувањето на смртната казна на мафијашкиот бос од КЈушу, но истакнаа дека таа не значи крај на постоењето на бандата.
Самиот Номура бурно реагирал на изрекувањето на пресудата извикувајќи дека не е фер бидејќи е заснована исклучиво на шпекулации и претпоставки. На главниот судија му дофрлил: „Замолив за праведна пресуда, но ова тоа воопшто не е. Цел живот ќе се каеш“.






