Премиерот Марк Руте рече дека повеќето мерки за социјална дистанца ќе бидат укинати на 25 септември. Овој потег е сличен на најавите во другите европски земји. Руте рече дека разбира дека социјалната дистанца остави емотивна трага кај повеќето луѓе.
„Затоа сум среќен што денес можеме да објавиме укинување на мерката за социјална дистанца како обврска насекаде, почнувајќи од сабота, 25 септември“, рече Руте, додавајќи дека сè уште е разумно луѓето да држат дистанца. Мерките што остануваат на сила се маски во јавниот превоз и училиштата и препорака луѓето да работат од дома кога е можно.
Ковид-пропусницата ќе биде потребна за лицата постари од 13 години да влезат во ресторани, кафулиња, кина, музеи, концерти и фестивали од отворен или затворен тип. Руте објасни дека научниците од холандскиот стожер веруваат дека пропусниците се неопходни за да се избегнат високоризични ситуации.
„Ова значи дека на некои места ќе можете да покажете или дека сте вакцинирани, или дека сте имале корона и сте имуни, или дека имате негативен тест во последните 24 часа“, нагласи Руте. Повеќе од 70 проценти од холандското население, или 12,6 милиони, примиле барем една доза од вакцината, додека 65 проценти се целосно вакцинирани, според официјалните бројки.
Владиното здравствено советодавно тело смета дека нема потреба од трета доза, позната како бустер, за општата популација, бидејќи вакцините остануваат ефективни. Бројот на овозаразени во Холандија паднаа на околу 2.000 случаи дневно, додека околу 450 пациенти се лекуваат во болници.






