Харадинај оцени дека Курти на вчерашниот состанок во Брисел со претседателот на Србија Александар Вучиќ требало да побара признавање на Косово.
„Тоа е токму тоа на што предупредувавме, опасноста од измамникот Курти. Тој е обичен измамник и го лаже народот на Косово со опасен пристап кон дијалогот, не барајќи ја супстанцата за која се води дијалогот. Тоа не е дијалог, тоа е губење време и измама за Косово бидејќи фокусот не е на заемното признавање што останува главно прашање“, кажа Харадинај за приштинската агенција Косовапрес.
Лидерот на АБК оцени дека Курти „го враќа дијалогот на почеток“.
Новата рунда на дијалогот на Белград и Приштина на највисоко ниво во која за првпат се сретнаа српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Аљбин Курти се одржа вчера во Брисел.
На состанокот учествуваа и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел и специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот на Белград и Приштина Мирослав Лајчак.






