„Стотици мигранти од Белорусија во моментов се движат кон границата со Полска и сакаат понатаму кон Германија. Владата во Варшава очекува обид за пробивање и испраќа дополнителни сили на границата. Полското министерство за одбрана кажа дека „сите сценарија се возможни““, напиша на Твитер новинарот на Дојче веле Среќко Матиќ.
Белорускиот новинар Тадеуш Гичан на Твитер напиша дека мигрантите ги користат шумите за да се приближат до границата. Меѓу мигрантите се слушаат извици „Германија, Германија“.
Полската влада смета дека Белорусија провоцира.
„Белорусија сака да предизвика голем инцидент, по можност со пукање и жртви“, кажа заменикот на полскиот министер за внатрешни работи Пјотр Вавжик.
Неговата изјава следи откако полското министерство за одбрана објави снимка од група мигранти во близина на пограничниот град Кузнице.
Just insane videos from the border between Belarus and Poland, where Belarus’ security services seem to have formed up a huge column of migrants and marched them to the border. pic.twitter.com/oFhI6fWQQw
— Patrick Reevell (@Reevellp) November 8, 2021
Германската сојузна покраина Бранденбург, која на својот источен дел граничи со Полска, во следните месеци очекува дополнителни неколку илјади мигранти кои преку Белорусија и Полска нелегално влегуваат во Германија, беше соопштено во Потсдам.
„Ние мораме да сметаме дека мигрантите кои веќе се наоѓаат во Полска, Литванија и Летонија ќе се обидат да стигнат до Германија“, кажа министерот за внатрешни работи на сојузната покраина Бранденбург Михаел Штубген, обраќајќи се на одборот за внатрешнополитички прашања во локалниот парламент во Потсдам.
Тој истакна дека во Белорусија сè уште доаѓаат многу емигранти од Ирак, Сирија и Иран, но напомена дека не се знае точниот број на мигрантите кои се наоѓаат на пат кон Германија.
[video:https://youtu.be/y7fplnRztl4 autoplay:0]Кажа дека бројот на мигрантите кои се обидуваат да ја минат полско-германската граница сè уште е далеку од ситуацијата со која Германија се соочи за време на мигрантската криза во 2015/2016.
Штубген ги отфрли барањата на некои сојузни покраини како Саксонија, која исто така граничи со Полска, а која бара воведување привремена контрола на оваа шенгенска граница.
Германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер го отфрли воведувањето контроли на границата и се заложи за засилена соработка за помош на полските граничари во чувањето на полско-германската граница.
Западот смета дека белорускиот претседател Александар Лукашенко како одмазда за санкциите на Европската Унија плански ги доведува граѓаните на земјите од Блискиот Исток и Африка во Белорусија од каде овие се обидуваат преку Полска да стигнат до западноевропските земји како Германија.
Европската Унија, меѓу другото, неодамна им се закани со санкции на воздухопловните превозници кои мигрантите ги префрлаат до Белорусија.






