вторник, 5 мај 2026
Граѓаните и натаму добиваат пораки за прекршок, но се работи за измама

„Безбеден град“ мета на измама, препознајте ги лажните пораки за наводен прекршок и не наседнувајте

Граѓани во Македонија и натаму добиваат пораки за наводни сообраќајни прекршоци регистрирани од системот „Безбеден град“, со цел да се украдат лични и банкарски податоци. Се работи за лажни пораки кои не се испратени од Министерството за внатрешни работи и на кои треба многу да се внимава. Не се работи за реален прекршок, туку за измама. Предупредување од МВР беше испратено и вчера во кое се апелира да се внимава, бидејќи ако го отворите линкот постои можност да ви ги украдат податоците оние личните, но и од банкарските сметки.

Објавено на

часот

Сподели

Пораките изгледаат како официјално известување, односно ако ја отворите пораката ви се чини дека навистина е снимено вашето возило и дека навистина треба да платите реален сторен прекршок, но реалноста е сосема поинаква.

Се наведува дека возилото е снимено за брзо возење, се додава „број на случај“ и се нуди попуст од 50 проценти ако казната се плати во рок од 24 часа. Во пораката има и линк за детали, кој води до сомнителна веб-страница.

Се работи за измама, а има неколку јасни знаци по кои може да се препознае.

Пораките најчесто доаѓаат од странски телефонски броеви, што е прв сигнал дека не се испратени од нашите институции. Дополнително, линковите не водат до официјални државни страници, туку до адреси со необични домени како „.xyz“, кои често се користат за фишинг напади.

Измамата се врши на тој начин што лицата откако ќе кликнат на линкот оставен во пораката, тој води на лажна веб-страница на МВР каде што бараат да ја внесете вашата регистарска табличка од вашето возило и потоа ве носи на нов прозорец каде ви е регистриран прекршок и ви бараат наплата од 1.500 денари.

Во содржината која ќе ви биде испратена се користат кратки рокови со цел да ви биде стеснет рокот и да мора брзо и под притисок да се реагира, а недостасуваат и конкретни податоци за прекршокот, како точна локација, време или детални информации за возилото. Се апелира граѓаните да не кликаат на вакви линкови, да не внесуваат лични податоци и да не вршат уплати.

Во случај на сомнеж, информацијата треба да се провери преку официјалните канали на надлежните институции.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ