вторник, 5 мај 2026
ДЗР со низа критики и со препораки

Поразителен ревизорски извештај за Општина Илинден, работеле без дозволи, без евиденција и без контрола

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи, како и ревизија на усогласеност на работењето на Општина Илинден за 2024 година, при што се утврдени сериозни неправилности и неусогласености во повеќе сегменти од работењето.

Објавено на

часот

Сподели

Ревизорите констатирале состојби кои, поради нивното значење, резултирале со неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година. Воедно, изразено е и мислење со резерва за усогласеноста со законската регулатива, упатствата и воспоставените политики за сметката на основниот буџет (630), додека за сметката на основниот буџет (637) е дадено неповолно мислење и за финансиските извештаи и за нивната усогласеност со законската рамка.

Ревизијата покажала дека старосната структура на побарувањата не е утврдена, а не е извршено ниту вредносно усогласување на побарувања во износ од 57.520 илјади денари од минати години, за кои постои неизвесност во наплатата. Дополнително, утврдена е неусогласеност помеѓу даночната и сметководствената евиденција во износ од 39.977 илјади денари, односно околу 648.000 евра.

Побарувањата по основ на надоместоци за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти и за уредување на градежно земјиште се евидентираат дури по нивната наплата, наместо во моментот на нивното настанување. Воедно, не се евидентирани побарувања за надоместок за одржување на јавна чистота, како и побарувања по основ на договорни казни за изградба на објекти на неизградено градежно земјиште во сопственост на државата.

Пазарната вредност на недвижниот имот не е соодветно утврдена, а податоците во регистарот на недвижности не се ажурирани. Исто така, не се пресметува камата за задоцнето плаќање, не е воспоставен механизам за присилна наплата на данокот на имот, а даночните обврзници кои стекнале нов или дополнителен имот не се задолжуваат соодветно.

Кај договорите за отуѓување на неизградено градежно земјиште во државна сопственост, ревизорите утврдиле дека купувачите не ги почитуваат договорените рокови за изградба, а до 2023 година не биле пресметувани ниту наплатувани казнени пенали.

Во постапките за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти не се почитуваат законските рокови, не се постапува по одлуките на советот за донесување урбанистичко-планска документација со цел нивно вклопување, а за објектите за кои има одбивни решенија не се преземаат мерки за нивно отстранување.

Дополнително, на територијата на општината се поставува урбана опрема и се врши угостителска дејност надвор од деловни објекти без издадени одобренија, при што не се остваруваат приходи по основ на комунална такса за користење на просторот.

Ревизијата утврдила дека имотот на општината, вклучително нематеријалните средства, земјиштето и градежните објекти, не е соодветно евидентиран, при што постои неусогласеност во повеќе билансни позиции. За капиталните инвестиции поврзани со реконструкција на водоводната и канализационата мрежа, како и атмосферската канализација, не се преземени активности за запишување на правото на сопственост.

Пописот на средствата и обврските, исто така, не е извршен согласно законските и подзаконските прописи.

Особено сериозни слабости се утврдени при изградбата и реконструкцијата на локални патишта, улици, спортски игралишта и урбана опрема, во вкупна вредност од 98.385 илјади денари, односно околу 1,59 милиони евра. Ревизорите нотирале дека дел од градежните работи се изведувале без одобренија за градење, реконструкцијата на линиската инфраструктура се вршела без одобрен проект, а налозите за работа не содржеле суштински елементи како технички спецификации, количини, единечни цени и рокови за изведба. Воедно, се изведувале работи кои не биле предвидени во налозите, а недостасуваат и конечни пресметки и уредна градежна документација.

Во делот на програмските активности од областа на културата и спортот, ревизијата утврдила дека средствата во износ од 1.334 илјади денари биле распределени без објавен јавен повик, без транспарентност и без претходно утврдени јасни критериуми и услови.

Дополнително, констатирани се неправилности во пресметката на платите за административните службеници, особено во делот на основицата за пресметка на минат труд и надоместоците за време на привремена спреченост за работа поради болест.

Неправилности се утврдени и во постапките за доделување на договорите за јавни набавки.

Во насока на надминување на утврдените состојби, Државниот завод за ревизија дал конкретни препораки со цел надлежните институции и лица да преземат мерки и активности за подобрување на состојбите во работењето на општината.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ