петок, 14 ноември 2025

Гутереш: Човештвото ја пропушти климатската цел од 1,5 Целзиусов степен

Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш предупреди дека човештвото ја пропуштило целта од Парискиот договор за ограничување на глобалното затоплување на 1,5 степени Целзиусови, велејќи дека „разорните последици сега се неизбежни“ и дека светот мора веднаш да се префрли на нов климатски курс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во интервју за Гардијан пред климатскиот самит КОП30 во бразилскиот град Белем, Гутереш призна дека пречекорувањето на границата од 1,5 степени сега е речиси сигурно, но нагласи дека сè уште треба да се работи за да се ограничи времетраењето и интензитетот на тоа пречекорување.

„Го признаваме нашиот неуспех. Не успеавме да спречиме пораст на температурата над 1,5 степени Целзиусови. Последиците ќе бидат катастрофални – од Амазон до Гренланд, Западен Антарктик и коралните гребени“, рече Гутереш.

Тој ги повика светските лидери да усвојат драматични мерки за намалување на емисиите на КОП30 и да вложат напори „да спречат Амазон да стане савана“.

Гутереш предупреди дека понатамошното одложување може да предизвика „катастрофални пресвртници“ во климатскиот систем на планетата.

Според ОН, изминатата деценија беше најтоплата досега, додека помалку од една третина од земјите-членки на ОН – 62 од 197 – досега поднеле ажурирани национални планови за климатска акција.

Гутереш рече дека постојните обврски се доволни само за намалување на емисиите за 10 проценти, додека најмалку 60 проценти се потребни за да се остане под границата од 1,5 степени.

Иако призна дека ќе има привремено пречекорување, генералниот секретар верува дека е можно глобалните температури да се вратат на целта до крајот на векот, доколку земјите „го променат курсот на и по КОП30“. Коментирајќи го глобалниот премин од фосилните горива, Гутереш рече дека тоа е прашање од „економски интерес“ бидејќи „ерата на фосилните горива е при крај“, додека „револуцијата на обновливите извори на енергија“ забрзано се шири.

Една од клучните иницијативи на самитот ќе биде Фондот за тропски шуми засекогаш, од 125 милијарди долари, кој би насочил една петтина од средствата директно кон домородните заедници.

Гутереш, кој го завршува својот втор мандат на чело на ОН следната година, рече дека жали што не се фокусирал на климата и природата порано, но рече дека „нема да се откаже од борбата“.

„Никогаш нема да престанам да се залагам за климатската акција, биодиверзитетот и заштитата на природата. Нашата мајка природа е најскапоценото богатство што го имаме“, рече тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ