вторник, 23 јуни 2026

Европа погодена од екстремен топлински бран: Франција е под црвен аларм, Германија повикува на штедење вода

Во Франција, 54 департмени се ставени под црвено ниво на аларм поради жештината, а уште во 5 часот наутро температурата во некои градови беше 28 степени.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Црвеното ниво на предупредување, највисокото ниво на аларм прогласено од француската метеоролошка служба „Метео Франс“, е на сила од денес во департманите Сена-Маритим, Ер, Калвадос, Манш и Оаз, пренесува француската телевизија БФМ.

Со ова, вкупниот број на департмени под црвено ниво на тревога се искачи на 54.

Уште во 5 часот утрово, во Поатје беа измерени 28 степени, додека во Париз беа измерени 24 Целзиусови степени. Вчера, просечната национална температура собори нов месечен рекорд, достигнувајќи 29,2 Целзиусови степени, според „Метео Франс“.

Во наредните денови се очекува просечната температура низ целата земја да го надмине рекордот на сите месеци заедно од 29,4 степени и би можела да достигне 30 степени до средината на оваа недела, соопшти метеоролошката служба.

Од почетокот на викендот во Франција се забележани околу 20 смртни случаи поради давење, изјави министерката за спорт и млади Марина Ферари, предупредувајќи за опасностите што ги носат екстремните горештини.

Ферари ги повика граѓаните да бидат внимателни и да пливаат само во регулирани и надгледувани места за капење, нагласувајќи дека пливањето на необезбедени места за време на топлински бранови може да претставува сериозен ризик, пренесува Франс инфо.

Холандскиот Кралски метеоролошки институт (КНМИ) издаде портокалово метеопредупредување за екстремни горештини за сите провинции, освен Фризија, Дренте и Гронинген, каде што ќе остане на сила жолто метеопредупредување, објавија денес локалните медиуми.

КНМИ соопшти дека портокаловата метеоролошка тревога се воведува бидејќи три последователни дена се очекува температура од најмалку 34 Целзиусови степени, пренесува порталот Недерланд тајмс.

„На овие температури секој може да почувствува здравствени проблеми поврзани со топлината, како што се дехидрација и прегревање. Постарите лица, лицата со постоечки здравствени проблеми и оние кои извршуваат физички напорна работа се сметаат за особено ранливи“, се вели во соопштението на КНМИ, објаснувајќи дека предупредувањето важи за сите.

„Во споредба со „нормален“ јунски ден, потрошувачката на вода во Минхен моментално е околу 20 проценти поголема. Оваа ситуација е исто така можност да се апелира за одговорно користење на водата и на тој начин да се избегне непотребна потрошувачка“, изјави портпаролот на комуналните претпријатија во Минхен, пренесува Шпигел.

Жителите на Минхен треба да се воздржат од прекумерно наводнување на градините и тревниците, базените за пливање и базените за деца засега не треба да се полнат, а треба да се избегнува миење автомобили, се вели во соопштението на водоводната компанија во Минхен.

Црвено предупредување за екстремно топло време е издадено и во Велика Британија за областите што се протегаат од Лондон до Свонси и од Сомерсет до Бирмингем од 9 часот наутро во среда до 21 часот во четврток, објавија денес англиските медиуми.

Метеоролошката служба соопшти дека се очекува овој топлински бран да донесе сериозни последици, вклучително и широко распространети здравствени ризици за многу граѓани, дури и опасни по живот, пренесува Гардијан.

Во него се предупредува дека се потребни „значајни промени“ во работните практики и дневните рутини и се повикува на претпазливост поради можни прекини на струјата или дефекти на инфраструктурните системи чувствителни на топлина.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ