Од здружението велат дека, истовремено, мотив за пратениците треба да биде и избегнувањето на албанското сценарио да се преслика во Македонија, односно, спречување легалните објекти за игри на среќа да се заменат со играчници на црно по подруми, каде државата ќе нема контрола, а младите ќе станат лесна мета.
„Сметаме дека на јавната расправа дадовме доволно издржани аргументи дека актуелниот Предлог закон за игри на среќа и забавни игри содржи толку нелогични одредби кои не можат да се поправат со амандмани. Уште еднаш ги повикуваме претставниците на министерството за финансии и пратениците да не брзаат. Брзината не смее да биде поважна од суштината. Треба да се формира работна група составена од претставници на надлежните институции, вработените, асоцијациите, стопанските комори и уставни експерти кои во кус рок ќе изработат нова предлог регулатива која ќе биде реално спроведлива. Ние вработените сме прва линија за спроведување на постоечка регулатива, која е една од најстрогите во регионот и пошироко, и затоа поседуваме искуство, знаење и личен кредибилитет да предупредиме, но и да дадеме издржани предлози. Доколку министерството за финансии и пратениците останат глуви на нашите апели, како здружение сме подготвени со сите демократски средства да го заштитиме нашето уставно загарантирано право на работа“, велат од здружението „Сакам да работам“.






