вторник, 23 јуни 2026

ПИОМ му должи стотици милиони на вториот пензиски столб, има милиони неевидентиран имот, објави ДЗР

Неевидентиран имот вреден стотици милиони денари, доцнење на уплатите кон вториот пензиски столб, спорни јавни набавки, слабости во управувањето со пензионерските домови и нерешени забелешки од претходните ревизии – покажува извештајот на Државниот завод за ревизија за 2024 година.

 

 

Фото: Архива

Објавено на

часот

Сподели

Фондот на пензиското и инвалидското осигурување (ПИОМ), институцијата која евидентира скоро 600.000 осигуреници и повеќе од 340 илјади пензионери во државата, доби неповолно мислење од Државниот завод за ревизија (ДЗР). Ревизорите констатирале дека финансиските извештаи за 2024 година не ја прикажуваат вистинито и објективно финансиската состојба на Фондот, а воедно утврдуваат и значајни отстапувања од законската регулатива, упатствата и воспоставените политики.

Според ревизорскиот извештај, ПИОМ поседува недвижен и движен имот стекнат преку стечајни постапки во вредност од скоро пет милиони евра.

Станува збор за деловни објекти, производствени капацитети, силоси, продавници, апартмани, машини и различна опрема. Според ревизорите, проблемот е што овој имот не е целосно евидентиран во сметководствените книги. Покрај тоа, уште скоро четири милиони евра вредно градежно земјиште се води без прецизни податоци за локацијата, квадратурата и вредноста.

Ревизорскиот извештај уште констатирал дека ПИОМ доцни со префрлањето пари кон вториот пензиски столб. До крајот на февруари 2026 година акумулираниот долг достигнал повеќе од 42 милиони евра.

„Иако Фондот ги изготвува пресметките и ги доставува до надлежното министерство во законски утврдениот рок, средствата не се трансферираат навремено, при што во 2024 година доцнењето изнесува во просек околу два месеца. Заклучно со 27.02.2026 година, утврден е долг од над 42 милиони евра по основ на нераспределени придонеси кон приватните пензиски друштва.

Ревизијата утврди дека Фондот не врши навремена уплата на придонесите и за здравствено осигурување на пензионерите кон Фондот за здравствено осигурување, иако има законска обврска за тоа. Во 2024 и 2025 година исплатите се вршени со задоцнување од неколку месеци, при што до 28.02.2026 година придонесите се исплатуваат со доцнење од осум месеци. Вкупната неисплатена обврска за периодот од јуни 2025 до јануари 2026 година изнесува 136.400.000 евра. Оваа состојба овозможува пензионерите да користат здравствени услуги без навремено уплатени придонеси, што негативно влијае и врз ликвидноста на Фондот за здравствено осигурување“, се наведува во извештајот на ДЗР.

Според ревизорите, зголемените приходи не се доволни за покривање на дефицитот за исплата на пензиите во 2024 година, поради што се вршат трансфери од Буџетот на државата кои учествуваат со 36,71 отсто во вкупните приходи на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување.

„Со спроведената ревизија ревизорите меѓу другото утврдиле дека приходите од наплатен придонес за ПИОМ во 2024 година биле зголемени за 14 отсто во

однос на претходната 2023 година и изнесуваат нешто над 1,1 милиони евра со учество од 61,74 отсто во вкупно остварените приходи. Оствареното зголемување на приходите во 2024 година и понатаму не е доволно за покривање на расходите за пензии кои исто така секоја година бележат раст и во 2024 година изнесуваат скоро 1,5 милиони евра. Придонесот за ПИОМ изнесува 18,8 отсто од бруто платата за 2024 година. Приходите од наплатен придонес за ПИОМ во 2023 година изнесувале околу една милијарда евра“, велат од ДЗР.

Посебно поглавје во извештајот е посветено и на јавните набавки. Ревизорите анализирале договори вредни повеќе од 219 милиони денари и откриле низа слабости. Кај информатичките услуги биле поставувани различни критериуми за речиси идентични набавки. Во дел од случаите не било јасно дефинирано што точно се набавува. Кај градежните работи пак бил применуван модел кој ја ограничува споредливоста на понудите.

Со извршената ревизија за 2024 година, од ДЗР изразиле неповолно мислење  за вистинито и објективно прикажување на финансиската состојба.

„Со спроведената ревизија ревизорите меѓу другото утврдиле дека приходите од наплатен придонес за ПИО1 во 2024 година се зголемени за 14 отсто во однос на претходната 2023 година и изнесуваат 71.435.601 илјади денари со учество од 61,74 отсто во вкупно остварените приходи. Оствареното зголемување на приходите во 2024 година и понатаму не е доволно за покривање на расходите за пензии кои исто така секоја година бележат раст и во 2024 година изнесуваат 90.277.241 илјади денари“, се наведува во соопштението од ДЗР.
Оттаму укажуваат дека процентот на средствата кои се одвојуваат од Буџетот на државата до 2018 година континуирано се зголемува, за да од 2019 година бележи тренд на намалување. Во 2024 година учеството на трансферираните средства од Буџетот на државата учествува со 36,71 отсто и бележи зголемување од 4,14 отсто во однос на 2023 година.

„Врз основа на податоците од матичната евиденција на Фондот со состојба декември 2024 година, бројот на осигурениците изнесува 556.294 лица додека бројот на пензионери изнесува 343.048 лица односно соодносот пензионери/осигуреници на крајот од 2024 година изнесува 1:1,63 и истиот бележи намалување во однос на 2023 година кога изнесувал 1:1,70“, се посочува во соопштението.

Слабости се констатирани и кај пензионерските домови и становите што ги управува ПИОМ. Правилникот според кој се доделуваат становите е донесен во 2015 година. Од тогаш до денес тој не бил суштински изменет. Ревизорите откриле случаи во кои поголеми станови биле издавани по пониска цена од помали станови во истиот град, а во некои предмети недостасувале записници за примопредавање на становите.

Пропусти биле констатирани и при издавањето на деловниот простор на Фондот.

ДЗР  уште констатирал дека Фондот во континуитет се соочува со недостиг на кадровски капацитети на стручен и обучен кадар во секторите клучни за дејноста, подрачните единици, во секторот за ИТ и во одделението за внатрешна ревизија, „што значително влијае на квалитетот на извршувањето на дејноста и работењето на Фондот“.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ