Рускиот амбасадор Анатолиј Антонов кажа дека 27 руски дипломати треба да ги напуштат САД со своите семејства до 30 јануари, додека се очекува уште 27 да ги напуштат САД на 30 јуни.
„Се соочуваме со сериозен недостиг од персонал“, кажа Антонов. Повеќе од 100 руски дипломати со семејствата се протерани од САД од 2016 година, кога обвинувањата на Вашингтон за наводно мешање на Москва во претседателските избори таа година ги нарушија американско-руските врски.
Портпаролката на руското министерство за надворешни работи Марија Захарова претходно кажа дека очекува 55 руски дипломати и персонал да ги напуштат САД „во следните месеци“.
По неколкуте рунди дипломатски протерувања, Соединетите Држави сега имаат 120 луѓе во своите руски мисии, што е далеку помалку од 1.200 колку што имаа во 2017, додека Русија има 230 луѓе во САД, не сметајќи ги оние во Њујорк во Обединетите нации.
Среде постојаниот спор околу тоа колку дипломати секоја страна може да постави во другата земја, Русија ги стави САД на листата „непријателски земји“ на кои им е потребно одобрување за вработување руски државјани.
Американскиот Стејт департмент предупреди дека американската амбасада во Москва би можела да престане да ги врши повеќето функции во 2022. Минатиот месец ја додаде Русија на листата земји во кои „политичката или безбедносната ситуација е доволно слаба или неизвесна“ за да го спречи конзуларниот персонал да ги процесира апликациите за доселенички визи.






