среда, 6 мај 2026

Аксиос: САД и Иран блиску до договор што би ја завршил војната

Белата куќа верува дека е блиску до постигнување договор со Иран за меморандум за разбирање со кој би завршила војната и би се поставила рамка за подетални нуклеарни преговори, според двајца американски претставници и уште два извори запознаени со прашањето, објави Аксиос. Пакистански извор за Ројтерс потврдил дека САД и Иран се блиску до постигнување договор со кој би завршила војната во Персискиот Залив.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Пакистанскиот извор за Ројтерс рекол дека претходниот извештај на американскиот медиум Аксиос за предложениот меморандум е точен.

„Ова многу брзо ќе го завршиме. Се приближуваме“, рекол пакистанскиот извор. Минатиот месец Пакистан беше домаќин на единствените мировни разговори досега во оваа војна, а продолжи и во улогата на посредник, пренесувајќи предлози меѓу страните.

Извештаите за можен договор за завршување на војната предизвикаа остар пад на светските цени на нафтата, при што фјучерсите на суровата нафта брент паднаа за повеќе од 8 проценти, на околу 100 долари за барел. Светските берзански индекси исто така пораснаа, а приносите на обврзниците паднаа поради оптимизмот за крај на војната што ги наруши енергетските испораки.

Белата куќа, Стејт департментот и иранските претставници со кои контактирал Ројтерс не одговориле веднаш на барањата за коментар. Американскиот информативен канал Си-ен-би-си цитираше портпарол на иранското Министерство за надворешни работи, кој рекол дека Техеран разгледува американски предлог од 14 точки.

Аксиос објави дека Белата куќа верува дека е блиску до меморандум од една страница за завршување на војната со Иран. Извештајот беше објавен неколку часа откако американскиот претседател Доналд Трамп ја паузираше тридневната поморска мисија за повторно отворање на Ормускиот теснец.

Аксиос вели дека САД ги очекуваат иранските одговори за неколку клучни точки во следните 48 часа.

Меѓу другите одредби, според Аксиос, договорот би вклучувал Иран да се обврзе на мораториум за збогатување ураниум, САД да се согласат на укинување на санкциите и ослободување милијарди долари замрзнати ирански средства, како и двете страни да ги укинат ограничувањата поврзани со транзитот низ Ормускиот теснец.

Меморандум за разбирање од 14 точки

За Меморандумот за разбирање од 14 точки, кој се состои од една страница, преговарале американските претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер со неколку ирански претставници, директно и преку посредници, објави Аксиос.

Во сегашната форма, меморандумот би прогласил крај на војната во регионот и почеток на 30-дневен период на преговори за детален договор за отворање на теснецот, ограничување на иранската нуклеарна програма и укинување на американските санкции, додава Аксиос.

Иранските ограничувања за пловидба низ теснецот и американската поморска блокада на Иран постепено би биле укинувани во текот на тие 30 дена, наведува Аксиос, повикувајќи се на американски претставник, кој додал дека, ако пропаднат преговорите, американските сили би можеле повторно да ја воведат блокадата или да продолжат со воени дејства.

Претходно, Трамп најави пауза на „Проект слобода“, мисија за придружба на бродови низ блокираниот теснец, која ја најави во неделата. Мисијата не успеа значително да го обнови сообраќајот низ водниот пат, а истовремено предизвика нов бран ирански напади врз бродови во теснецот и врз цели во соседните земји.

Во последниот инцидент, француска бродска компанија во средата соопшти дека еден од нејзините контејнерски бродови бил погоден во теснецот претходниот ден и дека повредениот екипаж бил евакуиран.

Најавувајќи ја паузата на мисијата, Трамп се повика на „големиот напредок“ во преговорите со Иран, без да даде дополнителни детали.

„Меѓусебно се согласивме дека, додека блокадата ќе остане целосно на сила, ‘Проект слобода’ (движењето на бродови низ Ормускиот теснец) ќе биде паузиран на краток период за да се види дали договорот може да биде финализиран и потпишан“, напиша Трамп на социјалните мрежи.

Трамп ја почна поморската мисија за придружба на бродови низ теснецот откако рече дека веројатно ќе го отфрли последниот ирански предлог. Иранската понуда, дадена минатата недела, исто така содржела 14 точки.

Таа повикувала разговорите за нуклеарните прашања да бидат оставени настрана сè додека не заврши војната и не се реши спорот околу пловидбата.

Во изјави за време на посетата на Кина во средата, иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи не ги спомна последните коментари на Трамп, но рече дека Техеран инсистира на „праведен и сеопфатен договор“.

Ормускиот теснец е затворен од крајот на февруари

Иран практично го затвори теснецот за сите бродови освен своите откако САД и Израел ја почнаа војната на 28 февруари. Во април, Вашингтон воведе и сопствена посебна блокада на иранските пристаништа.

Мисијата „Проект слобода“ на Трамп, која требаше со помош на американската морнарица да го отвори теснецот, не успеа да ги убеди трговските бродови дека пловидбата е безбедна, а истовремено предизвика нови напади од Иран, кој соопшти дека ја проширува зоната под своја контрола и на делови од брегот на Обединетите Арапски Емирати, од другата страна на теснецот.

Додека мисијата беше активна, ирански дронови и ракети погодија неколку бродови во и околу теснецот, вклучително и јужнокорејски товарен брод што пријавил експлозија во машинскиот простор.

Техеран исто така повеќепати гаѓаше цели во Обединетите Арапски Емирати, вклучувајќи го и единственото големо емиратско нафтено пристаниште на брегот надвор од теснецот, кое овозможува дел од извозот да се одвива без минување низ него.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ