„Французите упатија целосно неразумни закани, вклучувајќи ги Каналските острови и нашата рибарска индустрија, и тие мора да ги повлечат тие закани или во спротивно ќе ги употребиме механизмите на нашиот трговски договор со Европската унија за да преземеме мерки“, изјави министерката за надворешни работи Лиз Трус за Скај.
„Французите се однесуваа неправедно. Тоа не е во рамки на трговскиот договор. И ако некој се однесува неправедно во трговски договор, имате право да преземете мерки против него и да побарате некои компензациони мерки. И ние ќе го сториме тоа ако Французите не се повлечат“.
Според договорот за брегзит, кој стапи на сила на 1 јануари, пристапот на земјите од Европската унија до британските води е регулиран преку издавање дозволи за риболов.
Европските рибари можат да продолжат да ловат во британските води доколку докажат дека тоа го правеле и претходно. Но, за тоа им е потребна дозвола од Лондон, што доведе до спор меѓу двете држави.
Париз му се закани на Лондон со построги здравствени и безбедносни проверки на камионите кои пристигнуваат од британска територија и забрана за растоварување на уловот на британските рибари во француските пристаништа од вторник, доколку Британците дотогаш не издадат повеќе дозволи за француските рибари.
Лондон ги опиша овие одлуки како „претерани“ и се закани дека за возврат ќе ја засили контролата на европските бродови во своите води.






