недела, 26 април 2026

Анализа: До крајот на годината, богатите земји ќе имаат 1,2 милијарди дози вакцина вишок

Објавено на

часот

Сподели

Западните земји и Јапонија моментално заеднички имаат приближно 500 милиони дози вакцина против коронавирус, кои можат веднаш да се прераспределат на посиромашните нации, а до крајот на 2021 година тој вишок на залиха ќе се зголеми на 1,2 милијарди, се наведува во анализата на Ерфинити за глобална употреба и набавка на вакцини, пренесуваат светските медиуми.

Количината на вакцини во сопственост на богатите земји би можела веднаш да ја решат огромната нееднаквост во набавката. Според податоците на програмата Нашиот свет во податоци на Универзитетот Оксфорд, се проценува дека до 2 септември само 1,8 проценти од населението во земјите со ниски приходи примиле барем една доза. Во земјите со високи примања, тој удел е дури 64 проценти.

„Светот достигна пресвртница во поглед на достапноста и производството на вакцини. За големите западни земји, предизвикот веќе не е понудата, туку побарувачката. Глобалниот синџир на снабдување успешно го зголемува производството, а нашата детална прогноза покажува дека земјите со високи приходи можат да имаат доверба дека пристигнуваат доволно вакцини, што треба да ја намали потребата од складирање залихи“, рече ко-основачот и извршен директор на Ерфинити Расмус Бех Хансен.

„Начинот на распределба на вакцините, каде одат и дали се препродаваат или донираат е на крај политичка одлука. Мислам дека овие бројки покажуваат дека имаме глобално подобра основа за донесување важни одлуки за дистрибуција и дека можеме да избегнеме ‘непотребно фрлање’ на одредена количина дози“, додаде Хансен.

Покрај тоа што придонесуваат за влошување на социо-економските нееднаквости помеѓу северот и југот, овие разлики може да влијаат и на пандемијата. Имено, експертите веруваат дека постои дополнителен ризик од мутација на вирусот доколку вирусот продолжи да се шири меѓу ранливата популација. Соединетите Американски Држави, европските и другите нации би можеле да ги задоволат сопствените потреби, да вакцинираат околу 80 проценти од својата популација на возраст над 12 години и да продолжат да планираат програма со трета бустер доза. И после тоа, ќе им остане голема количина вакцина за светска прераспределба, истакнува Ерфинити.

„Треба итно да се ангажираме во пресметката на глобалните потреби. Треба да ги пренасочиме дозите кон оние што имаат потреба и да ги отвориме сите договори“, смета Фатима Хасан, основач и директор на Иницијативата за здравствена правда, непрофитна организација во Кејптаун.

По независниот преглед на меѓународниот одговор на коронавирусот претходно оваа година, земјите со високи примања се повикани до средината на 2022 година да достават повеќе од 2 милијарди дози во посиромашните региони. Ерфинити утврди дека од повеќе од милијарда дози, колку се ветени од земјите-членки на Г7 и ЕУ, досега се испорачани помалку од 15 проценти.

Бех Хансен верува дека на ова прашање често се гледа како на избор помеѓу продолжување на кампањата за загарантирана трета доза дома или прераспределба на дозите во странство, но тој исто така вели дека ова е лажна дилема бидејќи можат да се реализираат и двете. Тој посочува дека глобалното производство постојано расте и верува дека значителен прекин во производството е многу малку веројатно.

Ерфинити проценува дека производството би можело да надмине 12 милијарди дози до крајот на годината, вклучувајќи ги и кинеските вакцини, што е повеќе од околу 11 милијарди потребни за вакцинирање на жителите во целиот свет.

„Производителите во моментов произведуваат 1,5 милијарди дози месечно, а производството се очекува да се зголеми“, се вели во соопштението на лондонската компанија.

Доколку се земат предвид дозите вакцини произведени во Кина одобрени од Светската здравствена организација, бројот на достапни дози за донации ќе се зголеми на 1,6 милијарди до крајот на оваа година. Ова конкретно значи дека гореспоменатиот број дози на вакцина е доволен за целосно вакцинирање на повеќе од 70 проценти од населението во субсахарска Африка, каде што во моментов се вакцинирани помалку од 3 проценти од луѓето. Според најновите податоци на УНИЦЕФ од 20 август, овој регион досега примил само 60 милиони дози вакцина.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ