„Оваа анархија нема да продолжи. Нема да дозволиме федерални агенти да бидат напаѓани, нема да дозволиме странски непријатели да напаѓаат и освојат американски град“, рече американскиот претседател во обраќањето во воената база Форт Браг во Северна Каролина.
„Она што го гледате во Калифорнија е широко распространет напад врз мирот, јавниот ред и националниот суверенитет, предводен од злосторници кои веат странски знамиња и имаат намера да поттикнат странска инвазија на нашата земја“, изјави Трамп пред неколку илјади војници и цивили.
Во својот остар говор во една од најголемите воени бази во земјата, републиканскиот милијардер ги нарече демонстрантите „животни“.
Имињата на гувернерот на Калифорнија Гавин Њусом и поранешниот претседател Џо Бајден, двајцата демократи, беа исвиркани.
Трамп распореди 4.000 припадници на Националната гарда и 700 маринци во Лос Анџелес, спротивно на советите на калифорниските власти кои рекоа дека ситуацијата е под контрола. Њусом ги опиша постапките на Трамп како „диктаторски“.
Трамп и министерот за одбрана Пит Хегсет присуствуваа на настан во Северна Каролина по повод 250-годишнината од американската војска, гледајќи како војниците демонстрираат напад на специјалните сили врз зграда и користат ракетен фрлач со долг дострел. Тоа беше првата од серијата прослави на годишнината на војската пред големата воена парада во Вашингтон во сабота.