четврток, 16 април 2026

Тајна истрага на Би-би-си: Адвокати ги подучуваат мигрантите да глумат геј за да останат во Британија

Мрежа на сомнителни адвокатски фирми и советници им наплаќаат на мигрантите илјадници фунти за да им помогнат да се претстават како геј лица за да обезбедат азил во Британија, открива тајна истрага на Би-би-си. Во првиот дел од широката истрага, откриваат како на мигрантите чии визи истекуваат им се даваат лажни приказни и упатства за добивање измислени докази, вклучувајќи писма за поддршка, фотографии и медицински извештаи.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Потоа тие аплицираат за азил тврдејќи дека се геј и дека се плашат за своите животи ако се вратат во Пакистан или Бангладеш, пишува Би-би-си.

Како одговор на откритијата, британското Министерство за внатрешни работи изјави: „Секој што ќе биде фатен како се обидува да го злоупотреби системот ќе се соочи со полната сила на законот, вклучително и депортација од Велика Британија“.

Постапката за азил во Британија нуди заштита на луѓето кои не можат да се вратат во своите матични земји затоа што би биле во опасност, на пример во земји како Пакистан и Бангладеш каде што хомосексуалните односи се нелегални.

Но, истрагата на Би-би-си открива дека процесот систематски се злоупотребува од правни советници кои извлекуваат пари од мигрантите кои сакаат да останат во земјата. Ова често се луѓе чии студентски, работни или туристички визи се истечени, а не оние кои тукушто пристигнале со мали чамци или други нелегални патишта. Таа група сега сочинува 35 отсто од сите барања за азил, чиј број ќе надмине 100.000 во 2025 година.

По собирањето на почетните докази, Би-би-си испратиле тајни новинари кои се претставувале како пакистански и бангладешки студенти чии визи се пред истекување. Истрагата открила дека адвокатска фирма наплатила до 7.000 фунти за поднесување лажно барање за азил со ветување дека шансата да биде одбиено од Министерството за внатрешни работи е „многу ниска“.

На тајниот новинар му било кажано и дека по добивањето на азил, може да ја донесе својата сопруга од Пакистан, која потоа може да поднесе лажна изјава преправајќи се дека е лезбејка. Адвокат поврзан со друга канцеларија кажал дека им помогнал на луѓето да се претстават погрешно како хомосексуалци или атеисти и понудил помош за 1.500 фунти, со дополнителни 2.000 до 3.000 фунти за да се обезбедат докази.

Повеќе од 175 луѓе се собрале во општинскиот центар во источен Лондон во вторникот вечерта на настан организиран од ЛГБТ заедницата во Ворчестер, опишана како група за поддршка на геј и лезбејски баратели на азил. Иако на веб-страницата на групата се наведува дека се добредојдени само вистински хомосексуални баратели на азил, мажи пред центарот отворено му признале на еден таен новинар дека работите не се онакви какви што изгледаат.

„Повеќето луѓе овде не се геј“, кажал човекот по име Фахар. Друг, кој се претставил како Зишан, бил уште подиректен: „Никој овде не е геј. Ниту еден процент не е геј. Дури ни 0,01 процент“.

Патувањето на тајниот новинар почнало кон крајот на февруари со контакт со Мазедул Хасан Шакил, правен асистент во адвокатската канцеларија Закон и правда адвокати. Шакил е воедно и основач и претседател на здружението Ворчестер ЛГБТ.

Откако во телефонски разговор му кажал дека нема основа за азил, на новинарот одеднаш му се јавила жена која се претставила како Таниса. Префрлајќи го разговорот на урду, таа покажала многу поголем ентузијазам. Кога новинарот ѝ кажал дека не е геј, таа одговорила: „Слушај. Никој од нив не е вистински.

Сега има само еден начин сега да останете тука, а тоа е методот што сите го користат.“ Ја идентификувале Таниса како Таниса Кан, советничка за Ворчестер ЛГБТ. На состанок во нејзиниот дом, таа го објаснила планот. „Постои само еден пат да добиете виза токму сега, а тој е отворен. Тоа е виза за азил… се базира на човекови права и се нарекува „геј случај“ или „случај на партнер од ист пол“.

Нема надеж за каква било друга виза“, кажала таа. Таа истакнала дека новинаот ќе мора да ја научи лажната приказна за интервјуто во Министерството. „Вие сте тој што мора да оди и да го положи испитот. Јас сум тука да ви подготвам сè, но на крајот вие мора да одите таму“.

Таниса објаснила како функционира измамата. „Главната работа е она што ќе го кажете. Само треба да им кажете: „Јас сум геј и тоа е мојата реалност“. Таа ветила „сеопфатен пакет“, вклучувајќи фотографии од клубови, писма за поддршка и писмо од лице кое би потврдило дека имал физички однос со него.

Нејзината услуга чинела 2.500 фунти. Успешното барање, објаснила, носи право на живот, работа и социјални бенефиции. Кога ја прашал што ќе се случи со неговата сопруга во Пакистан, таа одговорила: „Ако ја донесете тука, тогаш ќе побараме азил и за неа. Кога ќе биде тука, можеме да ја претвориме во лезбејка.“

Таниса, која нема лиценца за давање совети за имиграција, објаснила дека таа и нејзините колеги работат „теренска работа“ – создавајќи лажни докази – за разлика од адвокатите.

Подоцнежните состаноци се одржале во канцелариите на Закон и правда, каде што работи Шакил. Таа објаснила дека е клучно да се присуствува на состаноците на здружението Ворчестер ЛГБТ за да се добие писмо за поддршка, кое го опишала како „многу силен доказ“.

Стручната адвокатка за имиграција Ана Гонзалез изјавила дека Таниса очигледно го крши законот и „врши измама со фалсификување апликации“. Додала дека таквите луѓе „навистина им ги отежнуваат работите на легитимните баратели на азил и бегалците“, особено на ЛГБТИ лицата чиј статус не може објективно да се докаже.

Откако Би-би-си ја соочиле со доказите, Таниса Кан се вадела на „недоразбирање“ поради нејзиното слабо познавање на урду јазикот и негирала таа советувала поднесување лажно барање. Шакил тврдел дека не знаел за нејзините намери, а здружението Ворчестер ЛГБТ отворило истрага.

Канцеларијата Закон и правда адвокати негирале каква било професионална врска со Таниса. Истовремено, тајниот новинар се сретнал и со Акил Абаси, виш правен советник во адвокатската канцеларија Конот ло.

Абаси за 7.000 фунти понудил помош во поднесувањето лажно барање, ветувајќи „многу мала“ шанса за одбивање. Тој го упатил новинарот да оди во геј клубови за фотографии, а на неговата забелешка „но јас не сум таков“, се насмеал и кажал: „Јас ќе направам неколку фотографии таму“.

Еџел Кан, основач на Муслиманската ЛГБТ мрежа, потврдил дека ова е „огромен проблем“. „Луѓето ми нудат пари за препораки од мојата организација, но јас никогаш не ги прифаќам“, вели тој. Статистиката на Министерството за внатрешни работи за 2023 година покажува дека пакистанските државјани сочинуваат непропорционален број барања за азил врз основа на сексуалноста – дури 42 отсто.

Би-би-си разговарале и со Али (не е неговото вистинско име), кој дошол во Британија како студент во 2011 година. Адвокатот го советувал да измисли приказна за тоа дека е геј, да се преправа дека е депресивен, па дури и да лаже дека е ХИВ позитивен.

Тој потрошил повеќе од 10.000 фунти за жалби пред да се врати во Пакистан во 2019 година. Тој кажал дека тројца негови пријатели успеале да добијат азил на ист начин. „Тие дури и се венчаа во Пакистан, ги донесоа своите жени тука и сега имаат деца“, кажал тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ