Интензивната ракетна активност на Пјонгјанг – ова е четврто такво лансирање овој месец и седмо оваа година – има за цел да ги демонстрира способностите за самоодбрана, а воедно да добие меѓународна преговарачка моќ, велат некои експерти.
„Лансирањето на ракети може да биде начин да се покаже дека – за разлика од Иран – имаме капацитети за самоодбрана“, кажа поранешниот советник за национална безбедност на јужнокорејскиот претседател Ким Ки Јунг.
„Северот, исто така, се чини дека превентивно применува притисок и демонстрира сила пред да се вклучи во дијалог со САД и Јужна Кореја“, смета тој.
Седумнеделната американско-израелска војна против Иран, во која една од целите е да се ограничи нуклеарната програма на Техеран, би можела дополнително да ги зајакне нуклеарните амбиции на Пјонгјанг, велат експерти и поранешни јужнокорејски функционери.
Американскиот претседател Доналд Трамп, кој се подготвува за самит во Кина следниот месец, и јужнокорејскиот претседател Ли Џе Мјунг постојано изразуваат интерес за разговори со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун. Нема јавно познати планови за какви било средби.
Ли неодамна изрази жалење до Северот поради упадите на дронови од Југот, што наиде на ретки пофалби од Пјонгјанг.
Ракетите денес беа испукани во близина на градот Синпо на источниот брег на Северна Кореја кон морето околу 6:10 часот по локално време (23:10 часот по средноевропско време во сабота) и прелетале околу 140 километри, соопшти војската на Јужна Кореја.
Јапонската влада објави на социјалните мрежи дека се верува дека ракетите паднале во близина на источниот брег на Корејскиот полуостров и дека упад во ексклузивната економска зона на Јапонија не е потврден.
Претседателскиот кабинет на Јужна Кореја, Сината куќа, свика итен безбедносен состанок, нарекувајќи ги лансирањата провокација која ги крши резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации, објавија медиумите. Пјонгјанг беше повикан да „престане со провокативните дејствија“.
Не е јасно за каков вид балистички ракети станува збор, но Синпо има подморници и опрема за тестирање на балистички ракети лансирани од подморница. Северот последен пат испука балистичка ракета од подморница во мај 2022 година, а таа прелета дури 600 километри.
Северна Кореја постигна „многу сериозен“ напредок во своите капацитети за нуклеарно оружје, со веројатното додавање на нов објект за збогатување на ураниум, изјави во средата генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија Рафаел Гроси.
На крајот на март севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун изјави дека статусот на Пјонгјанг како нуклеарно вооружена држава е неповратен и дека проширувањето на „нуклеарното одвраќање за самоодбрана“ е од суштинско значење за националната безбедност.






