петок, 14 ноември 2025

Пукања во ромски населби по протестите во словенечко Ново Место (ВИДЕО)

Вечерва имало пукање во близина на ромските населби Жабјак и Шмихел во близина на Ново Место во Словенија, потврди полициската управа на Ново Место.

Фото: Икс

Објавено на

часот

Сподели

Засега нема информации за повредени, а специјална полициска единица е испратена на терен која го пребарува местото.

Новинарскиот тим на словенечката телевизија Н1 се се обидел да влезе во Жабјак, но полицијата го спречила со објаснување дека ситуацијата во Жабјак во моментов е несигурна.

Според градоначалникот на Ново Место се слушнале повеќе рафални истрели на отворен простор.

„За жал, ова е една од честите појави во нашиот град. Повеќе пати предупредував дека имаме премногу оружје, кое треба да се отстрани од дофат на деца и нестабилни лица“, изјави Грегор Мацедони за словенечките медиуми.

Истрагата за пукањата во близина на Жабјак и Шмихел сè уште е во тек, а полицијата ги повикува граѓаните да не се приближуваат до местото додека трае истрагата.

Пукањето се случило веднаш по завршувањето на вонредната седница на градскиот совет, каде што претставници на словенечката влада презентирале низа мерки за борба против криминалот и таканаречениот „Закон на Шутар“.

Тој закон е именуван по Алеш Шутар, 48-годишен угостител од Нови Место, кој беше убиен минатиот викенд пред локален ноќен клуб додека се обидувал да го одбрани својот син од напад од група Роми.

Вчера истражен судија во Нови Место му одреди притвор на Сабрјан Јурковиќ, 21-годишен осомничен за убиството на Шутар.

Шутар, угостител од Нови Место, беше убиен ноќта меѓу петокот и саботата додека го заштитувал својот син, кој бил малтретиран од група Роми пред локалниот ноќен клуб Локалпатриот. Кога се обидел да му помогне на синот, еден од напаѓачите го удрил во главата и му нанел тешки повреди на главата, внатрешно крварење и фрактура на цервикалниот пршлен, поради што починал. На суд беше објавено дека осомничениот Јурковиќ се изјаснил како невин. Тој се соочува со казна од пет до 15 години затвор.

Како малолетник Јурковиќ бил регистриран за имотни деликти и кривични дела со елементи на насилство, вклучително и сексуална злоупотреба на лице под 15 години, наведува агенцијата СТА.

Смртта на Шутар предизвика шок во Словенија и бран протести. Неколку илјади луѓе се собраа на централниот плоштад во Ново Место, барајќи построги казни за насилството, укинување на социјалните бенефиции за сторителите на кривични дела и подобра интеграција на ромските деца во образовниот систем.

Дел од толпата скандирале расистички пораки против Ромите, а полицијата морала да интервенира за да спречи судири.

Протестот го обезбедувале голем број полицајци, вклучувајќи и припадници на специјална единица.

По завршувањето на протестот, полицијата објави дека се конфискувани неколку парчиња ладно оружје, пиротехнички средства и факели.

За време на седницата на градскиот совет словенечкиот премиер Роберт Голоб најави заострување на казнената политика и дополнителни овластувања за полицијата, особено при спроведување рации и надзор во области со безбедносен ризик.

„Не сакаме да фаќаме поединци, туку да воспоставиме ред и мир и да искорениме оружје, дрога и имот од непознато потекло“, кажа Голоб.

Тој најави и социјални мерки, меѓу кои и укинување на детскиот додаток за малолетни мајки, што предизвика дискусии во јавноста.

Владата планира да го достави законот до парламентот до 10 ноември, а се очекува претставниците да го усвојат до крајот на месецот.

По убиството на Алеш Шутар, министерката за правда Андреја Катич и министерот за внатрешни работи Боштјан Поклукар поднесоа оставки со објаснување дека тие ја преземаат политичката одговорност за неуспесите во системот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ