понеделник, 20 април 2026

Мелони сака да ги награди адвокатите кои ќе ги убедат мигрантите да ја напуштат Италија

Италијанските адвокати за имиграција би можеле да бидат платени со стотици евра за да ги убедат своите клиенти да се вратат дома, според предлогот на владата на премиерката Џорџа Мелони, кој противниците го отфрлија како „награда од Дивиот Запад“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Планот за репатријација е дел од безбедносниот пакет на владата, кој веќе ја доби поддршката на Сенатот и треба да биде изнесен пред пратениците во долниот дом на парламентот оваа недела, јави Телеграф.

Контроверзниот предлог предизвика реакција од адвокати, судии и политички противници, само еден месец откако премиерката Мелони претрпе тежок пораз на референдумот за судска реформа.

Рикардо Маџи, пратеник од центристичката партија „+Европа“, рече: „Тоа е награда од Дивиот Запад.

„Уште малку и ќе добиеме и АЈС“, алудирајќи на американската агенција за имиграција која спроведе контроверзни депортации. „Нема дебата, не се дозволени амандмани на репресивен и пропаганден текст што ги крши основните слободи и права на граѓаните“, додаде Маџи.

Дебора Серакијани, раководителка на судскиот комитет од редовите на Демократската партија, се согласува. „Се работи за законодавна срамота што го поткопува достоинството на професијата. Законот служи исклучиво за репресија и одземање на правата“, изјави таа пред новинарите.

Италијанската национална адвокатска комора (ЦНФ) соопшти дека не била информирана за планот и го повика парламентот да го отфрли. „Не знаевме ништо за тоа, ниту пред, за време, ниту потоа“, изјави претседателот на ЦНФ, Франческо Греко. Здружението на италијански судии и обвинители исто така го изрази своето противење на планот, предупредувајќи за неговото влијание врз правата на мигрантите.

Според извештаите на италијанските медиуми, адвокатите ќе добијат бонус од околу 615 евра за секој мигрант кој ќе се согласи на „доброволна репатријација“. Владејачката коалиција на премиерката Мелони наводно обезбедила 246.000 евра оваа година за спроведување на планот, а се очекува тој износ да се удвои во 2027 и 2028 година.

Клучен услов е адвокатите кои им помагаат на клиентите да прифатат доброволно враќање да имаат право на бонус само откако лицето всушност ќе се врати во својата земја на потекло.

Џорџа Мелони вети дека ќе се бори против нелегалната имиграција по доаѓањето на власт и лобираше кај европските партнери да ја следат нејзината строга политика. Иако владата тврди дека успеала да го забави пристигнувањето на мигрантите од 2022 година, нејзиниот план за обработка на барањата за азил во центрите во Албанија постојано е блокиран во судовите.

Во неодамнешно интервју, албанскиот премиер Еди Рама рече дека добил барања од други европски земји за обработка на мигранти, но нагласи дека ова е „ексклузивна отстапка за Италија“.

Податоците покажуваат дека резултатите од репатријацијата се скромни. Според најновите бројки на Евростат, 132.660 лица биле вратени од Европската Унија во 2025 година. Од нив, само 4.780 лица биле вратени од Италија, и покрај тоа што биле издадени 21.295 наредби за напуштање на земјата. За споредба, највисоката стапка на репатријација во ЕУ ја забележа Германија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ