среда, 25 јуни 2025

Кремљ: Со денови чекаме да им ги предадеме телата на загинатите на Украинците

Русија веќе неколку дена е спремна да почне со предавањето на телата на загинатите украински војници, а камионите со ладилници со првите тела се паркирани во близина на границата, но Киев сè уште расправа за деталите.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Како што пренесува Ројтерс, двете страни на 2 јуни во Истанбул се договорија за репатријација на телата на војниците загинати во конфликтот, а постигнат е и договор за размена на воените заробеници, чиј процес почна во понеделникот.

Украинскиот претседател Володимир Зеленскиу, пак, ја обвини Москва дека „се обидува да игра некаков вид политичка и информативна војна“ околу прашањето на размената.

Русија изјави дека е спремна да предаде тела на повеќе од 6.000 украински војници и да ги прими телата на руските војници кои Киев може да ги врати. Но, советникот на Кремљ Владимир Медински во саботата кажа дека руската страна се појавила на договорениот пункт за размена со телата на 1.212 загинати украински војници, но дека никој од Украина не дошол да ги преземе.

На новинарско прашање портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков денес кажа дека Русија останува спремна да ги врати телата и дека е во преговори со Киев, но дека сè уште не знае точно колку тела на руски војници Киев може да врати.

„Не постои конечно разбирање. Во контакт сме, се споредуваат бројките. Штом се постигне договор, се надеваме дека ќе дојде до размената“, кажа Песков.

„Неоспорен факт е тоа што веќе неколку дена сме спремни на границата со тие камиони, за да извршиме пренос на украинска страна. Тоа е факт кој сите го гледаат и знаат“, додаде тој.

Руските медиуми објавија снимки од бели камиони со телата, кои се запечатени во поединечни бели вреќи и паркирани во близина на границата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ