Ен-би-си њуз во четвртокот објави дека неговиот близок круг го советува Трамп да не разговара повторно со Путин додека рускиот лидер не се обврзе на целосен прекин на огнот во Украина, нешто за што Путин рече дека е во принцип отворен доколку се исполни долгата листа на услови.
Кирил Дмитриев, пратеникот на Путин за инвестициска и економска соработка, во четвртокот изјави дека гледа „позитивна динамика“ во односите меѓу Москва и Вашингтон по дводневните состаноци во Вашингтон, но рече дека се потребни повеќе состаноци за да се решат разликите.
„Без сомнение, забележуваме позитивна динамика во нашите односи. Сè уште ќе бидат потребни низа состаноци за да се решат сите наши разлики. Но, главната работа е што гледаме позитивен, креативен став“, изјави Дмитриев за новинарите по средбата со претставници на администрацијата на претседателот Доналд Трамп, цитирани од руските новински агенции.
„Гледаме апсолутно јасно дека администрацијата на претседателот е решена да ги реши прашањата, за разлика од онаа на Џо Бајден. Пристапуваат со голема почит, поставуваат многу прашања, наоѓаат компромиси“, додаде тој.
Дмитриев изјави дека дел од темите за кои разговарале во Вашингтон биле соработката во производството на ретки минерали и Арктикот.
Тој додаде дека продолжуваат преговорите за обновување на директните воздушни врски меѓу Русија и САД.






