Креаторот на страницата, Алекс Монетон од Ница, изјави за бриселскиот весник „Браселс тајмс“ дека бил инспириран да ја создаде алатката од фрустрација поради недостигот од транспарентност.
„Има многу информации во ЕУ, но пристапот до нив е неверојатно тежок. Не мислам дека имаме доволно транспарентност на ниво на ЕУ“, рече Монетон.
Монетон рече дека идејата му дошла кога се обидел да најде информации за работата на локалниот совет во Ница, но не можел да ги најде на едно место.
Иако податоците што ги користи неговата алатка се јавно достапни на веб-страницата на Европскиот парламент, за нивното собирање и обработка се потребни време и посветеност.
„Многу е тешко да се добијат сите овие информации. Ова не е нормално за една институција што се залага за транспарентност“, вели авторот на веб-страницата.
Целта на веб-страницата, рече тој, е граѓаните да видат дали нивните избрани претставници учествуваат во гласањето.
Веб-страницата ги наведува европратениците рангирани според присуството, со информации за тоа од која земја се и на која политичка група ѝ припаѓаат.
Според методологијата на Монетон, учеството во гласањето и воздржаноста се сметаат за присуство, додека негласањето се смета за отсуство.
„Интересно е што шест европратеници во првите 10 се од Франција, додека тројца во долните 10 се од Германија, што доста ме изненади“, рече Монетон.
Според правилата на ЕП, европратениците што пропуштаат повеќе од половина од деновите закажани за пленарни седници во текот на парламентарната година (од 1 септември до 31 август) мора да вратат 50% од нивниот општ паушал за тој период.
Исто така, ако учествуваат во помалку од половина од гласањата во еден ден, нивниот дневен надомест се преполовува.
Европскиот парламент не коментираше за самата веб-страница, но прес-службата на Парламентот изјави за бриселскиот весник дека европратениците сами се организираат како го извршуваат својот мандат.
„Нивното присуство во салата може да варира бидејќи тие може да имаат и други обврски во исто време, како што се состаноци на политички групи, работни групи, национални делегации или комитети“, соопшти ЕП.
ЕП не води официјална централизирана евиденција за присуството на европратениците, но податоците за присуството на пленарни седници и по комитет се достапни за секој ден заседавање.






